Норвешка 34-24 Македонија

Македонија го заврши настапот на Светското ракометно првенство 2017 во Франција. Нашата репрезентација во осминафиналето претрпе убедлив пораз од Норвешка со 34-24, што значеше и елиминација за Македонија.

Во првото полувреме можевме да видиме изедначена битка. Норвешка започна со водство кое го држеше до средината од полувремето кога Македонија успеа да изеначи на два пати за 5-5 и 8-8, а нашата репрезентација еднаш успеа и да го преземе водството 8-9. Но, Норвешка повторно притисна во финишот од првиот дел, го презеде водството и успеа на полувреме да замине со предност од 12-10.

Со самиот почеток на второто полувреме започна и апсолутната доминација на Норвешка. Противникот ја зголемуваше предноста, а нашата репрезентација не успеваше да возврати за да ја намали предноста. Норвешка на момент достигна и до предност од +11 голови. На крајот Норвешка успеа да победи со резултат 34-24 и да обезбеди пласман во четвртфиналето, додека пак за Македонија ова беше елиминација од ова Светско првенство.

По завршувањето на настапите на нашата репрезентација на ова Светско првенство, селекторот Лино Червар го оцени пласманот на Македонија во најдобрите 16 како доста успешен. Со оглед на повредите на Дејан Манасков и Филип Миркуловски, Червар истакна дека Норвешка беше фаворит и дека едноставно беше невозможно да му се парира на таков противник, особено во второто полувреме.

WebOhrid