Синоќа во „Младинскиот центар“ во Вевчани се одржа презентација на проектот „Вевчанското нематеријално културно наследство-никулец за зачувување на етнокултурниот идентитет“ реализиран од страна на КУД „Дримкол“ Вевчани, а подржан од Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија – сектор за подршка на невладини организации. Присутните на презентацијата имаа можност да се запознаат со следните резултати од проектот:
• Брошура „Обреди и обичаи во Вевчани“ на македонски и англиски јазик, во која се опфатени позначајни празнувања проследени со обреди и обичаи од Вевчани, кои КУД „Дримкол“ ги зачувал преку автентично поставување на сцена,
• Изложба на фотографии „Нематеријално културно наследство низ призмата на објективот“, на кои се прикажани сцени од Вевчанските обреди и обичаи, со цел посетителот да има можност од поблиску да се запознае со нематеријалното културно наследство на Вевчани,
• Документарен филм „70 години – Со песна и оро до височините“, кој зборува за долгогодишната играорна традиција во Вевчани.
„Овие резултати во краток рок ќе допринесат за: зголемени промотивни активности за претставување на нематеријалното културно наследство на Вевчани, оптимално искористено нематеријално културно наследство во функција на развој на културниот туризам во Вевчани, зачувување на голем број на специфични обреди, песни и игри кои се карактеристични за Вевчани кој ќе сведочат за богатата духовна култура, акумулирано огромно умеење пренесувано од генерација на генерација, што егзистирало како жива дијалектика на културниот процес во чие што седиште е традиционалната култура“ – изјави координаторот на проектот Кирил Бебекоски.
Покрај синоќешната јавна презентација на содржините на проектот, истиот ќе биде промовиран за време на свеченостите по повод одбележувањето на 70 години фолклорна традиција во Вевчани во Мај оваа година.