На Граничен премин Табановце спречен обид за шверц на марихуана

Царинските службеници од граничниот премин Табановце вчера спречија обид за шверц на 18 килограми марихуана.

На 25 јануари 2017 година, околу 6:00 часот наутро, на граничен премин Табановце за излез од Република Македонија се пријавило патничко моторно возило со албански регистарски ознаки, сопственост и управувано од лицето П. Ш., албански државјанин. На прашање на царинските службеници дали има нешто да пријави одговорил дека нема ништо за пријавување, но и покрај тоа бил селектиран за контрола. При прегледот во багажниот простор од возилото била пронајдена плинска боца во која биле сокриени 15 вакумирани пакетчиња облепени со проѕирна селотејп трака наполети со марихуана со вкупна тежина од околу 18 килограми.

Од предистражната постапка, спроведена од инспектори од Одделението за истраги, произлегува дека осомичениот марихуаната ја купил во Албанија и преку Македонија истата требал да ја однесе во Германија за одреден паричен надомест.

Против сторителот, Царинската управа поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ до надлежното Јавно обвинителство, а судијата на претходна постапка му изрече мерка притвор во траење од 30 дена.

Дополнително информираме за уште еден случај на заплена на дрога од изминатиот месец, имајќи во предвид дека истрагата во земјата е целосно завршена.

На 17 декември 2016 година царинските инспектори од Одделението за оперативни работи во соработка со Министерството за внатрешни работи, во товарно моторно возило натоварено со ПВЦ прозори пронајдоа околу 70 килограми марихуана.

Во царинскиот склад Дени Интернационал Скопје, бил направен преглед со помош на царинско куче на товарно моторно возило со скопски регистарски ознаки, управувано од лицето А.С. од Скопје. Возилото пријавено за транзит низ Македонија, било натоварено во Косово со две кујни и 32 парчиња комплет ПВЦ прозори, а со крајна дестинација Швајцарија. При контролата, царинските инспектори во 30 парчиња ПВЦ прозори, поточно во средишниот дел од ПВЦ профилите, пронајдоа марихуана со вкупна тежина од 70 килограми.

Сите изготвени документи, дрогата и лицето беа предадени на службени лица од Министерството на внатрешни работи за понатамошно постапување.