Европската Унија очекува од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, „да изврши итна и отворена консултација“ со политичките партии во земјава и „брзо да определи лидер за формирање влада“, изјави на прес-конференција портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.
Изјавата на Коцијанчич доаѓа по истекот на рокот од 20 дена, во кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и ДУИ не успеаја да договорат нова владина коалиција.
„Ги повикуваме сите политички актери во земјата, вкучително и претседателот, да дејствуваат на смирен и конструктивен начин со целосна одговорност за решавање на сегашната состојба. Земјата нема време за губење и во овој контекст очекуваме претседателот, според Уставот, да изврши итна и отворена консултација со политичките сили во земјата и бргу да определи лидер за формирање влада, кој ќе може да најде заедничко тло за формирање на стабилна, солидна и отворена коалиција“ – вели Коцијанчич.
Портпаролката на ЕК уште еднаш истакна дека идната владина коалиција треба да биде што е можно поширока и да се потпира на силен реформски консензус и на меѓуетничка соработка.
„Ние очекуваме од идната влада и од сите политички сили во земјата да продолжат со имплементирање на Договорот од Пржино и решавање на итните реформски приоритети, биудејќи сето ова е од витално значење за понатамошниот напредок на земјата на патот кон европските интеграции и ова е нешто на што сите политички партии се обврзаа, а истото го очекуваат и граѓаните“ – истакнува Коцијанчич.
Извор: meta.mk