Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на индустриското производство во декември 2016 година, во однос на декември 2015 година, изнесува 103.5.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во декември 2016 година, во однос на декември 2015 година, бележи опаѓање од 1.3%, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 2.1%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 13.6%.
Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на пијалаци, Производство на тутунски производи, Производство на облека, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на други неметални минерали, Производство на машини и уреди, неспомнати на друго место и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.
Според главните индустриски групи, производството во декември 2016 година, во однос на декември 2015 година, бележи пораст кај Енергија за 8.0 %, Капитални производи за 2.4%, Трајни производи за широка потрошувачка за 18.9% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5.9 %, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 5.4%.
Индексот на индустриското производство во периодот јануари – декември 2016 година, во однос на периодот јануари – декември 2015 година, изнесува 103.4.