Во согласност со Регулативата на ЕК број 1166/2008, во јуни 2016 година Државниот завод за статистика го спроведе Структурното истражување за земјоделските стопанства.
Структурното истражување за земјоделските стопанства е едно од основните статистички истражувања во областа на земјоделството кое се спроведува на секои три години и обезбедува споредливи податоци за земјоделските стопанства.
Според податоците од истражувањето, вкупниот број на земјоделски стопанства во Република Македонија изнесува 178 125. Просечно, едно земјоделско стопанство користи 1.8 хектари земјоделско земјиште и има 2.1 добиточни единици.
Вкупното користено земјоделско земјиште од страна на земјоделските стопанства изнесува 320 738 хектари, а од вкупниот број на стопанства, 60.8% користат до 1 хектар земјоделско земјиште. Земјоделските стопанства имаат вкупно 381 361 добиточна единица.
Од техниките на ѓубрење, 37.9% од земјоделските стопанства користат нанесување на ѓубривото без заорување во почвата, додека од методите на наводнување, најчесто користен е методот на површинско наводнување.