„Госпоѓа министерка“ со 150-та изведба на 4 февруари во МНТ

Во Македонскиот народен театар на 4 февруари по 150-ти пат ќе биде изведена претставата „Госпоѓа министерка“ во режија на Наташа Поплавска. Главната улога ја толкува Весна Петрушевска.

Директорот на Македонскиот народен театар, Дејан Пројковски, денеска на прес-конференција рече дека претставата во режија на Поплавска е петтата премиерна изведба на „Госпоѓа министерка“ во МНТ.

„Првата изведба на „Госпоѓа министерка“ е во 1953 година, потоа во 1965 година, 1977 година и 1983 година. Премиерата во 1965, 1977 и 1983 година е обновувана и режисер на тие постановки бил Димитар Ќостаров, сценограф Бранко Костовски, а Мери Бошкова во сите тие претстави ја игра Живка. На 28 март 2009 година се случува премиерата на „Госпоѓа министерка“ со која МНТ расте и созрева заедно со својата публика“ – рече Пројковски.

Тој посочи дека за 150-те изведби „Госпоѓа министерка“ ја проследиле 58 172 гледачи.

Aктерката Петрушевска, која ја игра Живка министерка, рече дека многу ретко актер може да доживее 150 изведби на својата матична сцена.

Таа потенцира дека 4 февруари е Светски ден за борба против ракот и МНТ поканил 30 жени кои ја имале болеста или се членки на Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“ да ја гледаат претставата.

Автор на музиката во претставата, нагласи Петрушевска, е претседателката на Здружението, Биба Додева, што, според неа, е уште еден дополнителен симболичен момент за нив и на тој начин да дадат удел во Светскиот ден за борба против ракот.

„Чест ми е и задоволство што после Мери Бошкова, јас ја играм Живка во еден сосема поинаков модерен концепт“ – додаде Петрушевска.

Режисерката Поплавска истакна дека на денешен ден им била првата проба во 2009 година и дека за неа многу било важно да направи претстава која ќе се приближи до она што го направил тогашниот режисер Ќостаров, кој, како што рече, е темелник на Македонскиот театар.

„Имавме голем товар знаејќи со какво дело се занимаваме на авторот Нушиќ кој творел во Скопје и на кој му била инспирација Македонија, потоа Мери Бошкова која на сцената ја играла претставата толку долго време и Димитар Ќостаров, кој постојано смислувал нешто ново и на нов начин ја започнувале „Госпоѓа министерка“.

Тоа сега ми нуди нова идеја дека дојде времето по 150-те изведби, можеби од следната сезона, претставата да доживее ново руво, да започнеме одново една приказна, еден нов почеток би и дала на „Госпоѓа министерка“ – рече Поплавска.

Таа додаде дека во претставата покажале една нова генерација млади актери кои ја освоиле сцената.

Актерот Нино Леви, кој го игра вујко Васа во претставата, рече дека „Госпоѓа министерка“ му е четврта претстава со ваква бројка по „Народен пратеник“, „Буре барут“ и „Сомнително лице“.

Актерот Александар Микиќ, кој го игра Ристо Тодоровиќ, истакна дека му е задолство што е дел од претставата. – Нушиќ е еден од најголемите мајстори на комедијата особено кога станува збор за глумците, бидејќи неговите карактери и ликови се така добро напишани што ние треба само да им ја облечеме кожата и да застанеме на сцена – додаде Микиќ.

Во претставата играат и Јелена Јованова, Драгана Костадиновска, Сашко Коцев, Благица Трпковска, Марија Новак, Драгана Левенска, Софиа Насевска, Томе Витанов, Емил Рубен, Славиша Кајевски, Никола Ацески, Магдалена Ризова, Даница Георгиевска, Нада Стефановиќ, Борче Нацев, Трајче Ѓорѓиев.