Иванов: Прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат за составување на Влада

Изјава по консултациите со политичките партии кои се застапени во Собранието на Република Македонија

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Веќе две и пол години минуваме низ длабока политичка криза. Неодамна се одржаа и долгоочекуваните избори за кои се надевавме дека ќе дадат излез од оваа состојба. Но, наместо конечно да почне да се разрешува, истата влезе во нова фаза.

Изминатиов период се изнаслушавме разни толкувања на Уставот. Секој го толкува онака како што сака или како што му одговара.

Јас како Претседател, дадов заклетва дека ќе го почитувам Уставот и законите на Република Македонија. А Уставот на Република Македонија ја одразува нашата автентична, македонска реалност. Не само што не може да се толкува според нечии партиски желби и интереси, туку според Уставот се мери се друго.

Членот 90 од Уставот е јасен: „Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.”

Не случајно уставотворец предвидел само еден член во Уставот – тоа е Членот 90. Намерата на уставотворецот кој не ги уредил во детали можните постапување на Претседателот во вакви или слични ситуации, значи дека му дава слобода во делувањето и проценките на Претседателот на Република Македонија.

Го искористив уставното право и обврска. Водејќи се од словото на Уставот, и по извршените консултации, на 9 јануари 2017 година мандатот му го доверив на господинот Никола Груевски. Со тоа го испочитував Уставот, но истовремено останав доследен и на досегашната практиката.

Почитувани сограѓани,

Решив да направам консултации со надлежни институции и политички партии. Целта на консултациите беше да ги споделам моите видувања, да ги слушнам размислувањата и ставовите на моите соговорници не само за приоритетите и државните интереси туку и за излез, не само од политичката, туку и од она што се повеќе наликува на уставна и институционална криза.

По остварените консултации, сакам да ве известам дека мандат за состав на новата Влада ќе добие партијата или коалицијата која ќе ме извести и докаже дека обезбедила мнозинство во Собранието. Со други зборови – прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат за составување на Влада, во согласност со Член 90 од Уставот на Република Македонија.

Како што веќе истакнав во моето годишно обраќање до вас, граѓаните, од оние што ќе ја составуваат новата влада барам во својата програма да имаат два клучни приоритета:

Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата.

Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија.

За време на консултациите се разговараше за сите можности и варијанти во случај никој да не може да обезбеди мнозинство во Собранието.
Сите опции остануваат отворени.

Но, што и да се случи, ве уверувам дека ќе постапувам исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија.
Кога ја превзедов функцијата Претседател на Република Македонија, дадов свечена изјава пред граѓаните дека ќе ги почитувам Уставот и законите. Од таа моја заклетва не мислам да отстапам ниту сега.