Две засега непознати лица се сторители на казнено дело „измама“ извршено вчера на улицата „7ми Ноември“ во Охрид. Тука, околу 10 часот и 30 минути, двете лица на околу 55 годишна возраст, пресретнале повозрасен жител на Охрид и започнале разговор со него. Притоа, едниот од нив му кажал дека другиот човек е од Израел кој имал сообраќајна незгода во Охрид поради што морал итно да плати оштета. Тој, од повозрасниот охриѓанец побарал да му помогне на странецот и да му даде пари за плаќање на оштетата нудејќи му во залог рачен часовник кој, според него вредел 4000 евра.
Верувајќи во кажаното и со желба да му се помогне на странецот, охриѓанецот му дал 1000 евра и поверувал дека откако ќе ја платат оштетата, двајцата ќе се вратат и ќе му го вратат заемот што итно бил потребен.
По примената пријава од оштетениот, СВР Охрид презема мерки за пронаоѓање на сторителите. Оттаму апелираат до граѓаните, посебно до повозрасните, да внимаваат во разговори со непознати, да не наседнуваат на вакви изговори и таквите настани веднаш да ги пријават во полициска станица или на полицискиот број 192.