Премиера на анимираниот филм „Мајка Тереза – пет збора“

Во Спомен-куќата на Мајка Тереза денеска премиерно беше прикажан анимираниот филм „Мајка Тереза – пет збора“ од продуцентската куќа „Passo Alto“ од Барселона, Шпанија. Гласовите за филмот, кој трае 25 минути, ги позајмија актерите Снежана Конеска-Руси и Томе Витанов, а синхронизација е направена во студио Кларион. Филмот е во продукција на Пабло Марцет, кој има реализирано повеќе проекти од ваков карактер.

Филмот го погледнаа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и третооделенците од основното училиште „Димитар Миладинов“ од Скопје.

„Анимираниот филм зборува за хуманата мисија на Мајка Тереза, за човечките доблести и високи вредности кои сите ние треба да ги почитуваме. Да си помагаме еден на друг, да шириме љубов, позитивна енергија и она што е највозвишено и вредно за секој од нас, за секој човек, тоа треба да се почитува,“ потенцира Канческа-Милевска. Додаде дека нашите институции се отворени за младата популација.

Според неа, свеста за подигнување на високите вредности, морални и човечки доблести кои секој од нас ги има и треба да ги почитува, е многу значајно да се негуваат од најмала возраст.

Канческа-Милевска изрази надеж дека Спомен-куќата на Мајка Тереза заедно со сите училишта со кои соработува, ќе им овозможи на учениците да го погледнат овој филм.

„Спомен-куќата на Мајка Тереза, која досега ја посетија над 600.000 посетители, негува хумана мисија, милосрдие, човечки доблести, секогаш да се помага и да се почитува“, рече Канческа-Милевска.

Актерката Снежана Конеска-Руси истакна дека со нејзиниот колега Томе Витанов имале чест и задоволство да работат на овој проект и порача заедно да ги учиме нештата во животот, почнувајќи од добрината и да завршиме со љубовта.

Кустосот во Спомен-куќата на Мајка Тереза Цветанка Вучковска изрази благодарност до Министерството за култура кое, како што рече, секоја година ги поддржува проектите за едукација на најмладите.

„Хуманоста се учи од мала возраст. Досега беше реализирана сликовницата за деца, ќе се прави превод на англиски јазик, го имаме анимираниот филм. Планирана е и куклена претстава каде ќе бидат вклучени повеќе училишта и на крај ќе се направи манифестација во Спомен-куќата. Планирано е да биде од хуманитарен карактер, да ги научиме децата да направат една хуманитарна претстава“, истакна Вучковска.

Спомен-куќата ја поседува оригиналната шпанска верзија, односно лиценцата за користење на филмот, која е отстапена бесплатно од страна на Пабло Марцет. Преводот на македонски јазик го направи Марија Ристовска, професионален преведувач од шпански.