Спречен обид за шверц на дрога и запленети пари, делови за возила и друго

Царинските службеници од граничниот премин Ќафасан спречија обид за криумчарење на околу 2 килограми марихуана.

На 10 февруари 2017 година, околу 22 часот, на влез во Република Македонија, за царинска контрола беше селектирано патничко моторно возило – минибус, со албански регистарски таблички, сопственост на албанска компанија, со кое се вршел превоз на релација Тирана-Скопје. На прашање на царински службеник дали имаат нешто да пријават за контрола, возачот и патниците изјавиле дека немаат ништо за пријавување. Царинските службеници извршиле преглед на возилото и на личниот багаж на патниците, при што во багажниот простор пронашле најлонска кеса во која била спакувана женска јакна, сопственост на осомничената патничка М.Р. (48) од Tирана. Во просторот помеѓу поставата и самата јакна царинските службеници пронајдоа четири пакетчиња наполнети со марихуана со тежина од околу 2 килограми. Осомничената половина час пред да тргне автобусот ја презела женската јакна на самата автобуска станица во Тирана од друго лице албански државјанин, кој во поставата од јакната ги имал ставено пакетчињата со марихуана. Осомничената требало да ја пренесе дрогата во Германија и да добие одреден паричен надомест. Царинската управа поднесе кривична пријава до надлежното Јавно обвинителство, за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“, а осомничената беше изведена пред судијата на претходна постапка кој и изрече мерка притвор во траење од 30 дена.

Во текот на минатата недела, царинските службеници спречија и неколку обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани пари, делови за товарни возила и хартија за пресликување.

Девизи

– 2.000 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин кој како пешак се пријавил за излез од државата, на граничниот премин Дојран. Во џебовите од облеката на патникот биле пронајдени 4.000 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот прекршок поднесено е барање за поведување прекршочна постапка.

Делови за товарни возила

– 2 кочни цилиндри за товарни возила, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените производи, пронајдени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Хартија за пресликување

– 80 килограми хартија за пресликување (4 пакети), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените производи, пронајдени во на задното седиште и во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.