Традиционален работен ручек со амбасадорите на земјите од Вишеградската група

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го приреди традиционалниот работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на Вишеградската група, акредитирани во Република Македонија.

На средбата присуствуваа амбасадорот на Република Полска, Н.Е. г. Јацек Мултановски, амбасадорот на Чешката Република, Н.E. г. Мирослав Рамеш, амбасадорот на Словачката Република, Н.Е. д-р Мартин Безак и амбасадорот на Унгарија, Н.Е. г. Ласло Иштван Дукс.

Соговорниците разменија мислења околу можностите за продлабочување на меѓусебната соработка, за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за процесот на интеграција во ЕУ и НАТО, како и за предизвиците со кои се соочува Европската Унија и Европа и позициите на земјите од Вишеградската група во однос на клучните предизвици.

Во однос на политичката состојба, на средбата беше истакнато дека од клучно значење за Република Македонија е надминувањето на политичката криза и што поскоро формирање на Влада која ќе биде посветена на европската агенда и економски развој и која ќе има капацитет да се справува со предизвиците од мигрантската и безбедносната криза. Амбасадорите се согласија дека е неопходен исчекор на земјата во однос на европските и евроатланските интеграции.

Претседателот Иванов ја поздрави континуираната поддршка од Вишеградската група за одржување на динамиката на процесот на проширување на ЕУ и силната поддршка за што поскоро започнување на преговорите за членство на Република Македонија.

Македонскиот претседател се заблагодари за личниот ангажман и посветеноста на амбасадорите во унапредување на односите со Република Македонија, како и за доследната помош од овие земји во справување со мигрантската криза.

Амбасадорите ги реафирмираа заложбите за продолжување на меѓусебната соработка во справување со мигрантската криза и со безбедносните предизвици на земјите од Централна и Источна Европа.

На средбата беше разговарано и за претстојните активности и планови за размена на посети на највисоко ниво меѓу Република Македонија и земјите од Вишеградската група.