ДПМ одбележа 70 години постоење

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска присуствуваше на свечениот собир по повод одбележувањето на 70-годишнината од формирањето на Друштвото на писателите на Македонија.

На свеченоста присутните ги поздрави претседателот на Друштвото Веле Смилевски, кој истакна дека гласот на писателите е во нивните дела, во илјадниците томови создавани и објавувани во изминатите децении кои остануваат да сведочат преку книжевните вредности.

Смилевски на 70-тиот роденден на Друштвото на писателите на Македонија посебна почит му укажа на првиот негов претседател и еден од неговите основачи – Блаже Конески, за кој рече дека без сомнение е најблескавата творечка вертикала на македонската литература и култура во втората половина на 20 век. Смилевски, исто така, ги спомна и следните дваесет и тројца претседатели на ДПМ низ неговиот седумдецениски развој, нагласувајќи дека сите тие дале значаен прилог во артикулирањето, осмислувањето и реализирањето на активностите на Друштвото.

На свечениот собир тој му додели Повелба за поттикнувње на вредностите во културата на стопанственикот Трифун Костовски, а им беа врачени и наградите на ДПМ на четворицата писатели чии дела беа избрани за најуспешни во 2016 година.

Наградата „Ацо Шопов“ за поезија ја доби Гордана Михаилова-Бошнакоска, добитник на наградата за проза „Стале Попов“ е Лилјана Пандева, наградата „Димитар Митрев“ за критика и есеистика ѝ беше врачена на Кристина Николовска, а Александар Поповски ја доби наградата за литература за деца „Ванчо Николески“.

Друштвото на писателите на Македонија е формирано на 13 февруари 1947 од писателите Васил Иљоски, Блаже Конески, Ристо Крле, Славко Јаневски, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко и Ацо Шопов. ДПМ го издава списанието „Стожер“, а покрај наградите „Ацо Шопов“, „Стале Попов“, „Димитар Митрев“ и „Ванчо Николески“, ги доделува и „Книжевен жезол“ – за поетски опус со високи естетски вредности и „Книжевен мост“ – за дело објавено на некој од јазиците на националностите во Македонија.