Министерот за образование и наука, Пиштар Лутфиу, денес оствари протоколарна средба со Амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, г-дин Ласло Иштван, на која беше потпишана Програма за соработка во областа на образованието и науката помеѓу Министерството за образование и наука на Република Македонија и Министерството за човечки капацитети на Унгарија за 2017, 2018 и 2019 година, според која покрај другото, на реципрочна основа двете земји доделуваат по 20 стипендии за студирање на нивните високообразовни институции, за секоја академска година.
Во оваа прилика беше изразено задоволство од досегашната успешна плодна соработка на полето на образованието и науката на двете традиционално пријателски земји.
Во рамките на протоколарната посета на Амбасадорот Ласло Иштван, Министерот Лутфиу го потенцираше задоволство од доделувањето на по 20 стипендии од страна на Владата на Унгарија за секоја академска година на студенти од Република Македонија да реализираат додипломски, последипмомски и докторски студии на најдобрите универзитети во Унгарија.
При тоа Министерот Лутфиу изрази особена благодарност за долгогодишната соработка во високото образование, каде успешно се реализира размената на лектори по унгарски јазик на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“- Скопје и лектори по македонски јазик на Универзитетот во Будимпешта.
Во текот на средбата, министерот и амбасадорот пројавија интерес за имплементација и на другите одредби од Програма кои се однесуваат на воспоставување и интензивирање на директна меѓуинституционална соработката во областа на науката, технологијата и иновациите и високообразовните институции.