Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денес во изјава за медиумите истакна:
„Ѓорге Иванов, со одлуката да не го додели мандатот за состав на новата Влада, за што е обврзан според Уставот на Р.Македонија, изврши државен удар!
Иванов ја внесува Македонија во длабока криза со несогледливи последици по граѓаните и по државата.
Тој прави уставно – државна криза со тоа што ја негира мнозинската волја на граѓаните и поднесените 67 потписи на избрани пратеници во Собранието на Р.Македонија и спречува легален и легитимен трансфер на власта.
Со ваквото однесување, Иванов уште еднаш се стави во улога на заштитник и соучесник на Никола Груевски и на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Сакам јавно да порачам, СДСМ и јас како претседател нема да дозволиме никој да си игра со иднината на државата за лични, политички и криминални цели.
Концептот на едно општество, што го поддржаа мнозинството граѓани, е единствен гарант на унитарноста на Република Македонија!
Затоа, ги повикувам граѓаните, да не подлегнуваат на никакви провокации, независно од национална, верска, политичка припадност. Да останеме смирени, на линијата на демократските процеси, коишто водат кон формирање на нова реформска Влада во нашата Македонија, којашто ќе се фокусира на реалните потреби на граѓаните и државата и на владеење на правото.
Сето ова што сега се случува сме го виделе и претходно од Никола Груевски и неговите соработници како Ѓорге Иванов.
Груевски тоне, но нема да дозволиме да ја потоне и Македонија.
Ѓорге Иванов мора да ја повлече оваа одлука и веднаш да го додели мандатот за формирање на новата Влада, бидејки Уставот го обврзува на тоа. Не смее да ја негира мнозинската волја на граѓаните, којашто е преточена преку 67 мандати за пратеници и да ги кочи уставните, законските и демократските процеси во Република Македонија.“ – изјави Заев.