Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски денеска имаше работна средба со катарскиот амбасадор во Македонија Хасан Бин Абдулах Заид Ал Махмуд, на која било разговарано за продлабочување на економските односи меѓу двете земји и реализирање на новата авионска линија Доха-Скопје.
Министерот Мисајловски изрази огромна благодарност до Амбасадорот Заид Ал Махмуд за поддршката што ја дава Катар за зголемување на потенцијалите за економска соработка како и за воведување на директната авионска линија Доха-Скопје, се наведува во соопштението на Министерството за транспорт и врски.
Амбасадорот Заид Ал Махмуд, исто така, се заблагодари за поддршката што ја дава Владата на Република Македонија и на заедничките напори за воведување на авионската линија и го информираше министерот дека авиокомпанијата „Катар ервејс“ официјално ќе започне со три лета неделно на релација Доха-Скопје на 17 јули 2017 година.
Во насока на продлабочување на соработката како и за развој на турзимот, министерот Мисајловски побарал да се разгледаат можностите за зголемување на бројот на линии се со цел да се овозможи што поголем број граѓани од двете земји да ги почуствуваат бенефитите од воведување на директната авионска линија.
На средбата, било заклучено дека и двете земји во иднина ќе работат на продлабочување на економската соработка.