Во периодот од 9ти до 12 март во најголемиот туристички центар во земјата – градот Охрид, се одржа првиот интернационален студентски филмски фестивал “Филмоција“.
Фестивалот го организираше Институтот за филм – Филмска академија во Охрид, а со цел поврзување и размена на искуства помеѓу младите од регионот кои студираат во областа на филмот и продукцијата, како и промоција на студиските програми и образовни можности, со цел привлекување на заинтересирани кандидати за надградба на своето знаење, преку продолжување на постипломските студии на оваа високо образовна установа.
Четиридневната програма понуди бројни проекции и презентации на филмови изготвени од студенти од нашата земја, но и од Чешка, Турција, Црна Гора, Косово и Бугарија, како и низа едукативни работилници и содржини од забавен карактер.
На свеченото отворање на фестивалот беше прикажан и филмот „90 минути – Берлин проект“ на режисерот Иво Трајков, кој воедно е дел од наставниот кадар на оваа високо образовна установа.
Институтот за филм – Филмска академија Охрид, како придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, започна со работа во академската 2015/2016 година. Студиските програми кои ги нуди, се изведуваат на англиски јазик и се прилагодени на стандардите, принципите и долгата традиција на ФАМУ – петтата најстара филмска и телевизиска школа во светот, која е дел од престижната Академија за сценски уметности во Прага, Република Чешка.
Во моментов на програмите кои ги нуди, студираат постдипломци од Македонија, САД, Ирска, Индија, но има и студенти на размена од Естонија и Казахстан.