Денешната шеесет и деветта седница на Советот на Општина Охрид, помина во знакот на усвојување на годишните извештаи на јавните претпријатија, секторите на локалната самоуправа и образовните институции. Со оглед дека ова е можеби претпоследното свикување на советот во овој состав, свое видување на денешната седница и четиригодишниот мандат имаше секретарот, Димитар Спасески:
„Денешната седница на градскиот совет, традиционално, како што налагаат законските одредби до 15 март од тековната година, беше посветена на разгледување и усвојување на годишните извештаи за работата на јавните претпријатија основани од општината, образовните институции и секторите на општината. Како што покажуваат податоците од извештаите, имаме уште една успешна година зад нас. Во изминатиот четиригодишен период, покажавме дека со успешно менаџирање, во Охрид може да се инвестира, градот да се обновува и за првпат да имаме намалување на долгот на општината. Успеавме да го запреме финансиското тонење на градот и да ги испорачаме ветените проекти од програмата на градоначалникот Никола Бакрачески “– истакна секретарот Спасески.