Ибрахими: „Потребен е континуираниот развој и унапредување на трипартитниот социјален дијалог”

Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими се обрати на Свечената академија на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија по повод нивното полноправно членство во Европската конфедерација на синдикати и во Меѓународната конфедерација на синдикати.

Честитајќи им за приемот министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, се осврна на градењето на социјалниот дијалог во изминатиот период кој бележи значителен прогрес.

„Развојот на трипартитниот социјален дијалог е евидентен, пред сѐ преку работата на Економско-социјалниот совет како највисока институционална форма за промоција на трипартитниот социјален дијалог, каде во изминатите неколку години во рамки на своите надлежности ова тело разгледуваше и даваше мислења за голем број на закони и стратешки документи од економско-социјалната сфера. Тука можеме да ги напоменеме измените и дополнувањата на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, Законот за пензиско и инвалидско осигурување, Законот за здравствено осигурување, Законот за национална база на податоци за инвалидност, Законот за минимална плата, Законот за безбедност и здравје при работа, Закон за отпишување на камати на достасани обврски по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување, Законот за работни односи, Акцискиот план за сива економија, Националниот акциски план за вработување на млади 2016-2020 итн”, нагласи министерот за труд и социјлана политика Ибрахим Ибрахими.

Според него во изминатите две години во насока на зајакнување и унапредување на социјалниот дијалог придонесе и реализацијата на Проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“ финансиран од ЕУ, а спроведуван од Меѓународнат аорганизација на трудот со цел да се подобри трипартитниот и бипартитниот социјален дијалог, преку зајакнување на капацитетите на трипартитните актери, Владата на Република Македонија, синдикатите и здруженијата на работодавачи.

Ибрахими се осврна и на она што треба да се работи во следниот период за зајакнување на социјалниот дијалог со цел унапредување на работничките права и на обврските и правата на работодавачите.

„Како предизвици и цели за во иднина, остануваат натамошното зајакнување на капацитетите на Економско-социјалниот совет и активното вклучување на релевантните социјални партнери во процесот на креирање и имплементација на стратешките политики на Владата на Република Македонија, а со самото тоа и континуираниот развој и унапредување на трипартитниот социјален дијалог во Република Македонија“, потенцираше министерот Ибрахими.

За претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати Благоја Ралповски, полноправното членство во овие меѓународни организации е признание за правецот и стандардите што ги спроведува КСС. Како значајни успеси реализирани во изминатиот период ги спомена потпишувањето на Општиот колективен договор за јавниот сектор, донесувањето на Законот за мирно решавање на споровите, како и на Законот за минимална плата, за кој бараат поинаков начин на пресметување според европски стандарди.