Повторно награда за македонскиот пијанист Арда Мустафаоглу

На интернационалниот пијанистички натпревар „Sirmium Music Fest“ кој се одржа од 16. до 19. март во Сремска Митровица (Србија), во коннкуренција од 125 пијанисти од Русија, Словенија, Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија и Србија, македонскиот пијанист Арда Мустафаоглу го освои првото место и е проглесен за лауреат на натпреварот во категорија на постари пијанисти од основните школи.

Натпреварувачите ги оценуваше меѓународно жири составено од еминентни педагози и пијанисти во состав: Густаво Зака (Аргентина), Владимир Млинариќ (Словенија), Ѓорѓе Станети и Леа Шантек (Хрватска), Снежана Вулета Поповиќ (Босна и Херцеговина), Милан Миладновиќ и Милица Продановиќ (Србија).

Арда Мустафаоглу е млад пијанист кој го завршува основното музичко образование во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје во класата на м-р Самира Мустафаоглу. Досега има освојувано први места на бројни меѓународни натпревари во Македонија, Србија, Албанија, Бугарија, Италија како и на интернет меѓународни пијано натправари.