СДСМ: Очекуваме државничко однесување, следува процес на формирање на новата Влада според мнозинската волја на граѓаните

СДСМ со соопштение до медиумите, во кое стои:

„На кредиблни избори, признаени од домашната и меѓународната јавност, мнозинството граѓани на Македонија избраа промени.

Претставиците на граѓаните, избрани на единствената демократска форма во парламентарната демократија, изборите, имаат уставно право да го формираат парламентарното мнозинство. Институциите на системот не смеат да ги попречуваат народните избраници да го побараат мандатот за формирање Влада.

67 пратеници, кои претставуваат околу 700.000 граѓани, очекуваат Парламентот и Ѓорге Иванов да одговорат на своите уставни должности и да го овозможат доделувањето на мандатот.

Граѓаните во Македонија очекуваат стабилизација и напредок.

И меѓународната заедница испрати јасна порака дека во демократијата секој треба да го признае парламентарното мнозинство. Блокадата на демократските процеси и наштети на економијата, посебно во последните неколку месеци и ги кочи неопходните реформски процеси.

Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ мора да се воздржат од активности што поттикнуваат меѓуетнички тензии, овор на омраза и ги вознемируваат граѓаните со лажни вести.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, јавно ја објавиви Програмата на новата реформска Влада, којашто ги гарантира унитарноста на државата, перспективите во ЕУ и НАТО, владееењето на правото, економскиот развој во земјата и социјалната кохезија, и тоа е патот на Македонија.

Очекуваме утре и во деновите што престојат сериозно и одговорно државничко однесување од страна на институциите, коишто мора да ја почитуваат волјата на мнозинството граѓани и да овозможат избор на нов претседател и составување на новата Влада!

Ова е единствениот начин земјата да се врати на патот на евроинтеграциите.

Нема да дозволиме поради стравот на Никола Груевски и соработниците од промените и соочување со правдата, Македонија да биде заглавена во понатамошна политичка криза.

Брзо ќе се формира новата реформска Влада на граѓаните на Република Македонија!“– стои во соопштението.