Миграциите не се национален проблем, па координацијата и солидарноста се незаобиколни точки без кои не може да се претендира кон квалитетни системски и нормативни решенија, рече министерот д-р Агим Нухиу во своето обраќање на конференцијата „Минато, сегашност и иднина: Со какви предизвици се соочуваат луѓето кои мигрираат преку т.н, рута Западен Балкан“, која се одржа денеска во организација на невладината организација Легис.
„МВР во изминатиот период, од аспект на своите надлежности, согласно организационите, кадровски и финансиски капацитети, а во тесна соработка со нашите партнери од ЕУ и САД, успеа значајно да ги подобри активностите, особено во делот на регистрацијата, евиденцијата, контролата и безбедноста на мигрантите. Притоа, се водеше сметка и за безбедноста на граѓаните на Репубилка Македонија, но и на регионалната и глобална безбедност, особено во поглед на тероризмот. Не велиме дека не можеше да се направи повеќе во однос на овој проблем. Секогаш може подобро. Подготвеноста и успешното справување со миграциските проблеми веќе се наметнаа и како своевиден национален интерес. Оттаму, сосема е јасно дека ние мораме како институции уште повеќе да се отвориме кон сите чинители, вклучително и граѓанскиот сектор, во насока на барање на оптимални предлози, проекти, решенија кои што ќе придонесат за квалитетно системско функционирање во поглед на миграциите и сите реперкусии што тие можат да ги донесат“, рече министерот Нухиу.
Во продолжение го објавуваме и интегрално обраќањето на министерот Нухиу.
„За проблемите и предизвиците со кои се соочуваме често имаме обичај да зборуваме од еден академски аспект се додека не се соочиме реалните последици кои произлегуваат од нив. Во таа смисла, можеме да констатираме дека она што сме го зборувале и практикувале околу миграциите пред 2015 година за релативно краток период од десетина месеци, кога низ нашата земја транзитираа стотици илјади мигранти, беше ставено на крајно сериозен тест, кој што, според мое уверување, покажа дека немаме простор за опуштање. Напротив, системот и институциите, преку регионална или глобална координација и соработка, мораат постојано да бидат подготвени за преземање соодветни чекори за решавање на проблемите.
Подготвеноста на ресурсите е значајно затоа што не сме сигурни дека овој, досега невиден, егзодус на цивилно население од воените подрачја на Блискиот и Среден исток, нема да се повтори во блиска иднина. Предизвиците и заканите се објективни, реални и возможни.
Мора да бидеме отворени и искрено да кажеме дека миграцискиот бран, кој што во текот на 2015/2016 година ја зафати Европа, а во кој Република Македонија беше дел од таканаречената западнобалканска миграциска рута, покажа низа слабости, не само кај нас, туку и генерално во Европа.
Независно од надлежностите на ресорот со кој раководам – министерството за внатрешни работи на Република Македонија – и во чие што име се обраќам на овој собир, сакам да нотирам неколку, по мене, суштински работи важни за успешно справување со проблемот на миграциите, особено низ призмата на она за што бевме сведоци пред една година.
Миграциите не се национален проблем. Координацијата и солидарноста се незаобиколни точки без кои не може да се претендира кон квалитетни системски и нормативни решенија. Не само ние, туку и земјите од западнобалканската рута практично се уверија во тоа, независно од големината на националните ресурси, капацитети или потенцијали за справување со тој проблем.
Второ, хуманитарниот и безбедносен аспект на миграцискиот бран, особено во почетните месеци од кризата, беа ставени во втор план за сметка на претераното политиканство и манипулација со катастрофалните размери на тој егзодус. Мислам дека сега на секого во Европа му е јасно дека хуманитарниот пристап и безбедноста, како на мигрантите така и на земјите каде што тие транзитираат или им се крајни дестинации, се примарни доколку се сака успешно справување со миграцијата. Не помалку важно е и прашањето за интеграцијата, односно општествена социјализација, иако во тој контекст објективно гледано Република Македонија има крајно рестриктивна понуда која е детерминирана не само од актуелните состојби, туку и од севкупните општествени перформанси.
Министерството за внатрешни работи во изминатиот период, од аспект на своите надлежности, согласно организационите, кадровски и финансиски капацитети, а во тесна соработка со нашите партнери од ЕУ и САД, успеа значајно да ги подобри активностите, особено во делот на регистрацијата, евиденцијата, контролата и безбедноста на мигрантите. Притоа, се водеше сметка и за безбедноста на граѓаните на Репубилка Македонија, но и на регионалната и глобална безбедност, особено во поглед на тероризмот.
Не велиме дека не можеше да се направи повеќе во однос на овој проблем. Секогаш може подобро. Подготвеноста и успешното справување со миграциските проблеми веќе се наметнаа и како своевиден национален интерес. Оттаму, сосема е јасно дека ние мораме како институции уште повеќе да се отвориме кон сите чинители, вклучително и граѓанскиот сектор, во насока на барање на оптимални предлози, проекти, решенија кои што ќе придонесат за квалитетно системско функционирање во поглед на миграциите и сите реперкусии што тие можат да ги донесат. Решенијата мора да поттекнуваат од стручноста и експертизата, а политиката да биде нивен реализатор.
На крајот од моето обраќање би сакал да истакнам дека ваквите собири се повеќе од неопходни. Особено значајно за оваа конференција е тоа што организаторите, преку тематските точки за дискусија, точно ги детектирале суштинските предизвици кои стојат пред нас, и овде во Република Македонија, но и во регионот, по однос на миграцијата.
Ви Благодарам