Свети Тома, патријарх Цариградски
Живееше во времето на царевите Маврикиј и Фока, кога патријархуваа Св. Јован Постник и Киријак. Св. Јован ја забележа неговата ревност и неговото големо благочестие и го возведе во чин на сакелариј (намесник) на Патријаршијата, а по смртта на Киријак го избраа за патријарх. Во негово време се случи еден необичен настан. Кога еднаш одеа во литија со крстови, крстовите почнаа сами од себе да се колебаат и да се удираат еден од друг. На ова се зачуди сиот народ. Кога патријархот дозна и се увери во вистинитоста на овој настан, го викна Теодор Сикеот, прочуен испосник и проѕорливец, и го замоли да му објасни што се претскажало со таа случка. Теодор му се помоли на Бога и му откри на патријархот дека тоа ги означува големите неволји што ќе ја снајдат Црквата, а коишто ќе дојдат и на целото грчко царство заради внатрешните политички и верски раздори. Ова наскоро сосем се исполни. Тома го молеше Теодор тој да се помоли на Бога за него за Бог да го земе кај себе пред да настапат оние беди. „Заповедаш да дојдам кај тебе или да се видиме таму пред Бога?“, му одговори во писмо Теодор и со ова му кажа дека наскоро обајцата ќе умрат. Истиот тој ден патријархот се разболе и умре, а набрзо по него и Св. Теодор. Свети Тома се упокои и се пресели кај Господ во 610 година.