Билатерална соработка меѓу Република Македонија и Република Словенија

Врз основа на Спогодбата за научна и технолошка соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Словенија, потпишана во Скопје на 24.12.1993 година, во април 2016 година беше распишан Конкурс за кофинансирање на билатерални проекти меѓу Република Македонија и Република Словенија.

Проектите се од сите 6 научни области со времетраење од 2 години, за кои Министерството за образование и наука ќе кофинансира вкупно 6.000.000,00 (шест милиони денари) и тоа:

1. Од областа на природно-математичките науки 3 проекти
2. Од областа на техничко-технолошките науки 4 проекти
3. Од областа на биотехничките науки 1 проект
4. Од областа на медицинските науки и здравството 4 проекти
5. Од областа на општествените науки 1 проект
6. Од областа на хуманистичките науки 2 проекти

Со одобрените проекти ќе се постигне развој на научните достигнувања и компаративни анализи на достигнувањата во двете земји, од областа на хемијата и биологијата, биотехнологијата, земјотресното инженерство. Исто така ќе се вршат испитувања во областа на генетиката и форензички анализи, испитувања на генетските ресурси за одржливо земјоделство, истражувања од областа на сообраќајната политика во двете земји и истражувања во областа на сензорски податоци и машинско учење.

Со финансирањето на проектите и билатералната соработка со Словенија во овој сегмент, ќе се овозможи продлабочување на соработката на универзитетите и научните институти на двете држави, вклучување на македонските институции во европските мрежи каде Република Словенија е партнер и ќе се отворат можности за заеднички настап на институциите во програмите и проектите на Европската комисија за подобро искористување на фондовите, а со тоа и размена на европски и светски достигнувања во науката.