Јолевски за Денот на НАТО: Во 2016 година Македонија се докажа како лидер во регионалната соработка во областа на одбраната

Денес во Домот на АРМ во Скопје, во коорганизација на Министерството одбрана и Евроатлантскиот Совет, традиционално, со прес конференција беше одбележан 4. Април – Денот на НАТО, односно денот кога пред 68 години беше потпишан Вашингтонскиот договор и беше формирана Северноатлантската алијанса.

На прес-конференцијата, министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски се осврна на сето она што НАТО значи за современиот свет, како и на стратегиските цели на Република Македонија, меѓу кои и членството во Алијансата. „Северноатлантската алијанса денес е многу важна во зачувувањето на светскиот мир, унапредувањето на односите меѓу народите, спречувањето на војните, унапредувањето на човековите права и севкупниот развој на државите“, истакна министерот.

Министерот Јолевски истакна дека 2016 година Македонија се докажа како лидер во регионалната соработка во областа на одбраната Минатата година беше донесена одлука Командата на SEEBRIG – бригадата за југоисточна Европа од 2020 до 2027 година да биде стационирана во Македонија, а во Скопје беше отворено седиштето на Балканските наменски медицински сили, што е прва регионална организација со постојано седиште во Македонија. Министерот го спомена и Регионалниот центар за односи со јавноста, како НАТО партнерски центар. Воената академија добива регионален карактер – скоро 1/3 од питомците се од регионот. Дополнително, оваа година Македонија претседава со А-5, во чии рамки ќе бидат предложени иницијативи како соработката на А-5 може да се искористи за посилно координирање на регионалните центри за обука, и како оваа регионална организација може да се користи за заедничко упатување на мировници во мисии на ООН.

Од аспект на Република Македонија, министерот додаде дека долгогодишниот придонес во операциите предводени од НАТО и вклученоста во партнерските механизми од 1995 година придонесоа во спроведувањето на одбранбените реформи и зголемувањето на националниот капацитет. „Изградивме Армија достојна за почит, Армија која е подготвена во секое време да ги исполни своите уставни функции и Армија која рамноправно се носи со нашите сојузници во меѓународните мировни мисии“, рече министерот и додаде дека Армијата на Република Македонија ја постигна потребната интероперабилност и ги исполни критериумите за членство во НАТО.

Јолевски истакна и дека Македонија продолжува во континуитет да работи на унапредување на капацитетите на Армијата, а како пример го посочи и процесот на модернизација кој е во тек. Инвестицијата од 317 милиони евра за десет години почна да дава резултати – во тек е набавка на нова опрема во согласност со НАТО-стандардите за припадниците на Полкот за специјални операции, а процесот на ремонт на хеликоптерите е отпочнат и се движи согласно зацртаната динамика. Министерот истакна дека од аспект на буџетот, 20% од средствата за одбраната оваа година се наменети за модернизација.

„Македонија и во иднина ќе делува конструктивно и ќе ги превзема неопходните чекори за заштита на националната безбедност и безбедноста во регионот и пошироко. Убеден сум дека нашите напори ќе бидат правилно вреднувани и дека Република Македонија ќе го добие одамна заслуженото место како полноправен член на Алијансата, со што земјите-членки ќе го демонстрираат својот сериозен пристап кон безбедноста во регионот“, заклучи министерот Јолевски во своето обраќање.

На прес-конферецијата меѓу другите свое учество имаа и амбасадорите на САД, Џес Бејли, на Хрватска, Данијела Барашиќ и на Шпанија, Рамон Абароа Каранца, како и претседателот на Евроатлантскиот совет на Македонија Исмет Рамадани.