Поздравно обраќање на министерот Нухиу на дипломатски брифинг за активностите на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ

Денеска со почеток во 9.30 часот во Конференциската сала во Министерството за надворешни работи на Република Македонија се одржа дипломатски брифинг за активностите на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ. Наведениот брифинг традиционално се организира во Република Македонија со цел презентирање на реализираните активности, како и претставување на плановите за развој на иницијативата.

На настанот присуствува претставници од дипломатскиот кор, меѓународните организации присутни во Република Македонија, како и претставници од институциите кои имаат ингеренции во областа на миграциите. Во своето поздравно обраќање министерот за внатрешни работи Д-р Агим Нухиу меѓу другото рече:

„МАРРИ Иницијативата е препознаена како фактор кој може да придонесе за подобро функционирање на регионот како целина. Во рамките на МАРРИ ние Министрите за внатрешни работи имаме редовни годишни состаноци на кои отвораме теми значајни за нашите граѓани, бидејќи само преку дискусија може да се дојде до заедничко прифатливо решение за целиот регион. На крајот би сакал да кажам дека јас лично ќе продолжам да се залагам за што е можна поширока дискусија во однос на темите од заеднички интерес, каде преку интензивирање на соработката и промовирање на заедничкиот пристап можеме да го направиме МАРРИ и целиот регион побезбедно и подобро место за живеење.“