Министерот Ибрахими на Конфернеција за социјална кохезија

Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими се обрати на Конференцијата за социјална кохезија во Југоисточна Европа организирана од ЛСЕЕ истражувачката мрежа.

При тоа Ибрахими информираше дека Министерството за труд и социјална политика согласно со своите надлежности ги обединува политиките поврзани со вработувањето, работните односи, социјалната заштита, правата и заштитата на децата и нивните семејства, социјалната сигурност на пензионерите, заштита од дискриминација.

„Министерството активно и во континуитет подготвува, предлага и имплементира мерки, активности, закони и стратегии кои се однесуваат на регулирањето на работните односи и нивно подобрување, заштита на правата и сигурноста на вработените, решавање на проблемот на невработеноста, јакнење на капацитетите на институциите на пазарот на трудот, јакнење на ефикасен и ефективен социјален дијалог на сите нивоа, функционирање на ефикасни социјални институции, обезбедување на социјална сигурност на лицата во социјален ризик и на пензионерите, обезбедување на поголема еднаквост помеѓу половите и заштита од секаков вид на дискриминација”, изјави Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

Тој информираше дека политиката на вработување во Република Македонија се дефинира во повеќе стратешки документи, вклучувајќи ги Националната стратегија за вработување, годишните Oперативни планови за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот, Националната програма за пристојна работа 2015-2018, Програмата општинско-корисна работа, како и Акциски план за вработување млади лица 2016-2020 година.

„Доказ дека на социјалната инклузија и економското зајакнување на млади во социјален ризик им се посветува особено внимание е и Програмата за условен паричен надоместок за субвенционирано вработување на лица во социјален ризик и истата има за цел да ги поттикне работодавачите да вработуваат лица во социјален ризик. Значајна мерка е и Програмата за самовработување со кредитирање, Програмата за кредитирање на правни субјекти за отворање на нови работни места, кои како целна група ги има таргетирано младите лица до 29 годишна возраст”, рече Ибрахими.

Во оваа прилика министерот Ибрахими посебно го потенцираше проектот “Македонија вработува 2”, кој преставува продолжување на “Македонија вработува 1” со кој се намали и дополнително се очекува намалување на невработеноста преку отворање на нови работни места.

Според него, исто така значајна е и Програмата за реформи во вработувањето и социјалната политика (ЕСРП) како една значајна сеопфатна секторска стратешка рамка која ги утврдува и ги презентира клучните предизвици, приоритетите, политиките, реформите и конкретните мерки во областа на пазарот на трудот, вработувањето, образованието и социјалната политика за периодот до 2020 годинана, а на која во тесна соработка и координација со Европската комисија, Република Македонија како земја кандидат за членство во Европската унија, во изминатиот период интензивно работеше.

„Целта е намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост во Република Македонија преку подобро користење на расположливите човечки и материјални ресурси, подобрување на условите за живот, подобрување на условите за работа, како и на општествените услови на сите граѓани. Стремежот е постигнување на побрз развој, повисок стандард и поквалитетно живеење за сите” изјави Ибрахими.