Денеска беше одржан состанок помеѓу претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за земјоделство и Здружението за заштита на животните Анима Мунди, во координација на Советникот на Претседателот на Владата на РМ, Д-р. Александар Митов. На состанокот беше разгледана моменталната состојба на зголемено расфрлање на отрови во урбани средини и беа договорени следните активности:
1. Формирање на работна група составена од претставници на повеќе институции која на редовна основа ќе ги следи состојбите и ќе превзема мерки за надминување на овој проблем. Се планира работната група да биде составена од претставници на Канцеларијата на ПВРМ, Министерство за здравство, Агенција за храна и ветеринарство, Државен инспекторат за земјоделство, Фитосанитарна управа, Управа за животна средина, Инспекторат за животна средина, Заедница на единиците на локалната самоуправа, Земјоделски здруженија и Здружението за заштита на животни Анима Мунди.
2. Почнувајќи од следната недела, Државниот инспекторат за земјоделство засилено ќе излезе на терен и ќе го зголеми бројот на вонреден инспекциски надзор врз земјоделските аптеки со цел контрола врз примената на позитивните прописи во однос на продажбата и дистрибуција на производи за заштита на растенијата (отрови).
3. Институциите ќе изработат компаративна анализа за регулативата за отрови (производи за заштита на растенијата) од земјите на ЕУ, со цел да се разгледаат најдобрите практики од оваа област.
Агенцијата за храна и ветеринарство со задоволство ја продолжува досегашната соработката со Здружението за заштита на животните Анима Мунди и останува отворена за понатамошни чекори за конечно и сеопфатно да се реши проблемот со бездомни кучиња во државата.