Вечерва хуманитарен концерт „Во потрага по изгубените насмевки“

Волонтерски тим на млади на ЦКА-ПХВ програмата при Црвен крст Охрид под мотото „Во потрага по изгубените насмевки“ ќе организираат хуманитарен концерт кој ќе се одржи вечерва (понеделник, 10.04.2017) со почеток во 20:00 часот во НУЦК „Григор Прличев“, а со цел средствата од продадените влезници и од донациите во собирните каси на Црвен крст Охрид ќебидат наменети за помош на самохрана мајка од Охрид со две малолетни деца.

На концертот учество ќе земат повеќе талентирани млади од Охрид, а дополнително за убавата атмосфера ќе се погрижат Студиото за танц „Соната“ и стенд-ап комичарот Никола Тодороски.

Влезницата за концертот изнесува 50 денари, а може да се купи кај волонтерите на Црвен крст Охрид.

Се покануваат сите наши хумани сограѓани на прекрасна забава и дружење со што ќе ја истакнеме и нашата хуманост.

Имено, во Црвен Крст Охрид во тек е реализација на националната програма за млади – ЦКА-ПХВ (Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности) која има за цел да обучи младинци на возраст од 13-17 години, кои ќе бидат оспособени да пронајдат целна група, да ги истражат потребите на целната група и да изнајдат решенија за да ја остварат целта, конкретна помош и ублажување на страдањата на оние на кои помошта им е најпотребна. Младите организирани во тимови, веќе преземаат конкретни активности за реализација на својата цел.

Еден од тимовите, работи на собирање на средства кои ќе бидат наменети за помош и овозможување на дете од социјално загрозено семејство од Охрид да може да оди со своите врсници на училишна екскурзија.