Изложба на графики на Теута Хоџа Имери во Њујорк

Во Македонскиот културен центар во Њујорк, САД (Gallery MC New York) во текот на овој месец ќе биде отворена изложба на графики на уметницата Теута Хоџа Имери. Станува збор за проект кој е дел од годишната програма на Националната галерија на Македонија, во рамките на меѓународната соработка, поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.

Љупчо Маленков, виш кустос, во освртот за изложбата и творештвото на Имери наведува дека „нејзиниот апстрактно конципиран графички израз претставува авторефлексивна, автореферентна слика на жена-мајка, жена-сопруга и жена-творец“.

Во оваа тријада, таа се обидува да го актуелизира и прашањето за сопствениот идентитет во длабоко втемелената општествена хиерархија… Уметноста на Теута Хоџа Имери, без сомнение, претставува лирска експресија на интимно доживеаното искуство. Секоја графика поединечно претставува тивка софистицирана визуелна ламентација, која низ нејзините хронолошки емотивни состојби се прелева и прогресира од една графика во друга. Автобиографското писмо на Теута претставува визуелно преведување на нејзиниот личен став низ различните животни мени“... – наведува Маленков.