Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска престојува во работна посета на Бурса, Република Турција, каде учествува на вториот по ред Меѓународен економски самит на балканските земји, што се организира под покровителство на Владата на Република Турција.
Пред присутните вицепремиери на Турција и Косово, министри за економија од земјите во регионот, како и околу 800 бизнисмени од регионот, министерот Сарачини ги презентираше економските состојби во Македонија и можностите за инвестирање, ставајќи акцент на поволната бизнис клима, реформите кои континуирано се спроведуваат со цел привлекување инвестиции и поволностите кои се нудат Технолошко-индустриските развојни зони. Покрај Сарачини, од Република Македонија на Самитот учествуваа и министерот без ресор Хади Незир и 10-тина претставници на деловните субјекти кои имаа средби со туриските компании, а најголем интерес за инвестирање привлекоа текстилната, автомобилската индустрија, туризмот и енергетиката.
„Република Македонија е привлечна за турските инвеститори пред се поради добрата геостратешка локација и близината до европскиот пазар, стабилната монетарна и макроекономска политика, традиционалната пријателска и културна соработка меѓу двете земји“, истакна министерот Сарачини.
Тој ги посочи најниските даноци во регионот, поволностите кои постојат во ТИРЗ-овите, ниските производни трошоци, расположивата едуцирана конкурентна работна сила, политиката на заштита на инвестициите, како и поддршката на инвеститорите од Владата на Република Македонија која е бизнис ориентирана како главни причини зошто турските компании треба да инвестираат во Македонија.
Министерот Сарачини, упатувајќи покана до турските бизнисмени да ја посетат Македонија и да се запознаат лично со бизнис можностите, ги спомена веќе успешните бизнис приказни на веќе присутните големи турски инвестиции, меѓу изградбата на деловниот центар „Рамстор“ во Скопје и Тетово, „Зират банка“, односно „Халк банка“,во банкарскиот сектор, компанијата за аеродромски услуги –ТАВ, која стана концесионер на аеродромите во Скопје и Охрид и во наредните 20 години за нивна модернизација планира вложување на околу 200 милиони евра, познатата турска очна болница во Скопје која е една од најсовремените во регионот, компаниите „Суташ“ и „Лимак“, како и последната голема инвестиција од компанијата „Џеваир холдинг“, исто така инвестиција од околу 200 милиони евра.
Тој ги информираше турските бизнисмени дека за промовирање на Македонија како привлечна дестинација за инвестирање, по примерот на најуспешните земји во светот, во Турција се назначени 3 економски промотори, и тоа во Истанбул, во Измир и во Анкара.
На маргините на Самитот министерот Сарачини оствари средби со заменик претседателот на Владата на Република Турција Булент Аринч, како и со сопственици на повеќе големи компании од Турција.
По завршувањето на официјалниот дел од самитот, Сарачини потенцираше дека овој Самит беше одлична можност и за компаниите од Република Македонија присутни во Бурса да пронајдат стратешки партнери кои ќе овозможат заеднички влез на трети пазари, како што се Азербејџан, Казахстан, Узбекистан и др.
Инаку, Самитот е во организација на РУМЕЛИСИАД, асоцијација на индустријалци на Турција, во соработка со градот Бурса и Стопанската комора на индустријалците на Бурса, град кој годишно извезува стоки во вредност од над 10 милијарди евра.