Основци од „Григор Прличев“ учеа за безбедно користење на интернетот

Учениците од шесто одделение од ОУ „Григор Прличев“ денес го посетија Интернет кафето INSIDE, каде имаа можност да научат нови работи за заштитата и безбедното користење на интернетот.

Интернетот е место кое нуди безброј информации, знаења и забавни содржини, како за децата и тинејџерите, така и за возрасните. Сепак, бројни потенцијални опасности и ризици за приватност и безбедност на неговите корисници реално постојат, особено за приватноста и безбедноста на децата и тинејџерите и нивните семејства. Децата се особено подложни поради нивната детска отвореност, наивност и неискуство, но и возрасните бидејќи за голем дел од нив интернетот претставува сосема нов и непознат медиум. Затоа, познавање на некои основни правила за внимателно однесување на интернет секому можат да бидат од корист и да му помогнат да се заштити себеси, но и своите најблиски.

„Живееме во дигитална ера каде децата растат, се развиваат, учат, буквално живеат со технологијата, и секојдневно го користат интернетот, значи тоа им е основна алатка и за учење, за забава и за повеќе и повеќе, меѓутоа исто така опасностите пак кои што демнат најчесто од социјалните мрежи посебно за младата популација се големи. Сметам дека едукацијава на дечињава за заштита од сите тие опасности е многу важна. Исто така би сакала да напоменам дека во таа едукација многу е важно да се вклучат и родителите. Ние како училиште од оваа година, планираме и во наредната да правиме повеќе отворени училници баш на овие теми во коишто ќе ги вклучиме и родителите и дечињата, надвор од наставната програма, значи како дополнителни активности, затоа што сметаме дека оваа тема е исклучително важна, не само за образвованието туку и за секојдневното нивно живеење.“ – изјави Марина Танасоска, наставник по информатика во ОУ „Григор Прличев“ Охрид.

Како што истакна Танасоска, родителите треба пред се да информираат за можните начини за безбедно користење на интернетот и заштита на нивните компјутери, да учествуваат на вакви интерактивни работилници, да побараат помош доколку имаат таква потреба и секако многу да соработуваат и да разговараат со своите деца.

„За жал технологијата има свои убави добри страни, може да се користи навистина како моќна алатка за учење, за развиток, за дружење на децата, но од друга страна има и бројни опасности, меѓутоа и зависноста од играње, зависноста од социјалните мрежи. Најголемо наше оружје е едукацијата, информирањето, поставување некои правила, соработката со децата. Кога тие ќе се активно вклучени во тој процес може да се изненадиме колку и самите се свесни и можат да понудат добри решенија.“ – додава Танасоска.

Исто така, во рамките на оваа интерактивна работилница, децата имаа можност да го отворат и проучат веб-сајтот Безбедно на интернет (crisp.org.mk) создаден да придонесе за поголема безбедност и заштита на правата и приватноста на децата на интернет.

Како дел од активностите за прослава на 18-тиот роденден, Интернет кафето Inside издаде брошура „Сурфај безбедно“ која е наменета за заштита на младите на интернет.

WebOhrid