Директорката на Царинската управа учествуваше на состанок на директорите на царинските служби на земјите членки на Светската царинска организација од регионот на Европа што се одржа од 19-ти до 21-ви април 2017 година во Виена – Австрија. На состанокот делегатите изразија интерес за преземање на понатамошни постапки со цел олеснување на транспортот во полза на стопанството во регионот на Европа, каде Царината игра неспорно важна улога. Беа потенцирани и петте приоритети на Светската царинска организација во оваа година, а тоа се: олеснувањето на трговијата, безбедноста, е-трговијата, соработката меѓу царинската и даночната служба како и соработката меѓу царината и полицијата.
Главна тема на состанокот беа постоечките системи и предностите што би произлегле од воведување на компатибилен транзитен систем. Беше презентирана идејата за обезбедување на интерфејс со кој ќе се овозможи учество во електронски транзитен систем за сите земји од регионот на Европа. Беа посочени искуствата од примената на различни транзитни режими и нивното функционирање на национално ниво, а придобивките беа презентирани и од апспект на олеснување и од аспект на управување со ризик. Делегатите се осврнаа на првичните барања кои треба да бидат исполнети за започнување на проект за воведување на компатибилен систем, како што се законската рамка што треба да се обезбеди за отпочнување на еден таков проект, потребните технички услови и начинот на финансирање на проектот.
Заклучок од овој состанок беше да се формира работна група со експерти за транзит чија задача ќе биде да ги анализираат националните транзитните системи и да предложат можност за воведување на ваков компатибилен транзитен систем.
На маргините на состанокот, директорката на Царинската управа на Република Македонија оствари билатерални средби со директори на неколку царински управи од Европскиот регион, со цел размена на мислења за актуелните предизвици во регионот и договарање на билатерални активности.