НБРМ одбележува 25 години од монетарното осамостојување на Македонија

Денес се одбележува јубилејот 25 години од монетарното осамостојување на Република Македонија. Со донесувањето на основните закони на 26 април 1992 година во македонското Собрание, се создадоа предуслови за осмислување и примена на самостојна политика од страна на централната банка, како монетарна власт на суверена и самостојна Република Македонија. Монетарното осамостојување се случи накусо по историскиот референдум за независност.

На денешниот ден се потсетуваме дека монетарното осамостојување се одвиваше во исклучително тешки економски околности, кои беа резултат, како на проблемите наследени од поранешниот општествен систем, така и на стеснувањето на пазарот предизвикано од низата вооружени конфликти и санкции поврзани со државите од регионот. Повеќето од одлуките донесени во тој исклучително комплексен период претставуваат вистински решенија на долг рок, при што вообичаено и сосема природно, првенствено се посочува првото издавање на македонскиот денар.

Веднаш по прогласувањето на денарот за парична единица на Република Македонија на 26 април 1992 година, во период од само неколку дена се изврши замената на југословенските динари за македонски денари, привремено воведени како вредносни бонови. Дефинитивните книжни и ковани денари беа воведени речиси цела година подоцна, во мај 1993 година, кога боновите беа повлечени постепено. Истовремено со монетарното осамостојување започна да се спроведува првата антиинфлаторна програма во независна Рeпублика Македонија. И покрај тешките околности, стапката на инфлација се намалуваше во текот на безмалку половина година, но по изгласаната недоверба на експертската влада, сe напушти практичната примена на програмата.

Во текот на 1993 година започна примената на нови стабилизациски мерки, кои за првпат беа донесени преку аранжман со ММФ и Светската банка. Веќе во 1995 година се обезбеди макроекономска стабилизација, при што беше остварена едноцифрена годишна стапка на инфлација, стабилен девизен курс по остварениот премин кон стратегијата на таргетирање на курсот, зајакнати девизни резерви, контрола на монетарните агрегати и консолидирање на фискалниот сектор.

Веќе дваесет години девизниот курс на денарот се одржува на исто ниво, најпрвин во однос на германската марка, а од јануари 2002 година, во однос на еврото. Овој показател е дотолку позначаен бидејќи се одржува во услови на целосно либерализирана тековна сметка, и во голема мерка либерализирана капитално-финансиска сметка на платниот биланс. Македонската економија во изминатите две децении бележи просечна инфлација од 2%, што е на ниво на дефинираната среднорочна цел на еврозоната.

Успехот во голема мерка се должи на тоа што Народната банка е воспоставена како самостојна институција при водењето на монетарната политика и изборот на инструментите за монетарно регулирање, а со основна цел постигнување и одржување на ценовната стабилност. Друга цел на Народната банка, којашто ѝ е подредена на основната цел, е да придонесува кон одржување стабилен, конкурентен и пазарноориентиран финансиски систем. Народната банка ја поддржува општата економска политика без да го загрози остварувањето на основната цел и во согласност со принципот на отворена пазарна економија со слободна конкуренција.

Денес, централната банка се одликува со современ монетарен инструментариум, развиено макроекономско проектирање, современ систем на управување со девизните резерви, функционален и надграден платен промет, богата статистичка база, развиена истражувачка активност, супервизија базирана врз ризици, современа банкарска регулатива согласно со Базелските принципи и со примена на стандарди во сите делови од работењето. Народната банка соработува со Европската централна банка и други институции и тела на Европската Унија. Народната банка продолжува да функционира како независна, транспарентна и општествено одговорна институција, која со целиот свој интелектуален капацитет на вработените останува отворена за соработка со сите други субјекти во доменот на своите надлежности, а во насока на натамошен развој на банкарскиот, финансискиот систем и економијата во целина.

Народната банка на Република Македонија, како и досега, останува посветена на остварувањето на законски поставените цели за одржување на ценовната и финансиската стабилност, преку преземање на сите расположливи мерки и инструменти, во функција на поддршка на макроекономската стабилност на економијата.