Во Музејот на современата уметност, вечерва во присуство на бројни гости, меѓу кои и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска беше отворена изложбата на плакати на еден од најавтентичните и најрелевантните претставници на графичкиот дизајн од 60-тите години на минатиот век, Михаjло Арсовски.
Оваа изложба е прва од низата настани кои ќе се реализираат во наредниот период во рамките на проектот „Заборавените македонски уметници“ преку кој Музејот на современата уметност ќе им оддаде почит и внимание на македонските автори кои целиот свој уметнички влог и професионален ангажман го вложиле во градењето на уметничката сцена надвор од татковината.
На изложбата презентирани се дела од збирката плакати на Музејот на современа уметност од Загреб на авторот Арсовски, кои за прв пат се претставуваат пред македонската публика и се сведоштво за високите стандарди на графичкиот дизајн на Михаjло Арсовски, кој е автор што плени со својата креативност, суптилност, едноставност, слободата во фантазијата.
Забележани ќе останат неговите идејни решенија за театарот ИТД од Загреб, чиј опус брои над 200 плакати, потоа неговите вредни дизајнерски решенија за бројни книжевни изданија, графички мапи, корици за плочи, магазини, во кои раскошната експресивна типографија ја надополнува со строги функционални решенија, она што е можеби најголем дострел во локалниот дизајн.