Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата трета седница, на која беше усвоен Годишниот извештај за 2016 година, при што беше констатирано дека во 2016 година Народната банка успешно ги оствари законски дефинираните цели. Девизниот курс остана стабилен, при што сите показатели за соодветност на девизните резерви се задржаа во комфорната зона. Во однос на ценовната стабилност, во 2016 година во просек беше остварена ниска и благо негативна промена на домашните цени, во целост како последица на пониските увозни цени на храната и на енергијата, односно факторите на страната на понудата. Од друга страна, базичната инфлација се одржуваше на умерено ниво во позитивната зона, што соодветствува со постојаното закрепнување на домашната побарувачка и благо позитивниот производен јаз.
И во 2016 година македонската економија растeше, при што стапката на реален раст изнесува 2,4% и е умерено пониска во споредба со 2015 година. Структурата е слична како во 2015 година, односно градежништвото беше сектор со највисок позитивен придонес. Во 2016 година дефицитот на тековната сметка на билансот на плаќања се задржа на умерено ниво, не упатувајќи на поголеми нерамнотежи во надворешниот сектор. Негативното салдо на тековната сметка забележа проширување за 1 п.п. и достигна 3,1% од БДП, при што продлабочениот дефицит во примарниот доход и помалиот суфицит во секундарниот доход влијаеја на проширувањето на салдото, додека подобрените резултати во размената на стоки и услуги влијаеше ова проширување да остане умерено. Главни фактори во подобрувањето се нето-извозот од новите индустриски капацитети, намалувањето на негативното енергетско салдо, зголемените нето-приливи кај повеќе категории услуги, како и отсуството на поголеми притисоци од домашната побарувачка врз увозот.
Финансиската сметка на билансот на плаќања забележа позначителни нето-приливи од 6,5% од БДП. Најзначаен извор на нето-приливи во финансиската сметка претставуваа директните инвестиции, коишто пораснаа за 1,4 п.п. од БДП во однос на претходната година и достигнаа 3,6% од БДП. Дополнителен придонес имаше задолжувањето на државата на меѓународните финансиски пазари, преку издавање на петтата еврообврзница. Овие финансиски текови беа доволни за покривање на дефицитот во тековната сметка и за зголемувањето на девизните резерви.
Меѓународната инвестициска позиција на крајот на 2016 година е негативна, односно преовладуваат обврските, а изнесува 5.731,6 милиони евра, или 58,1% од БДП. Во споредба со состојбата на крајот од претходната година, нето-обврските кон остатокот од светот забележаа зголемување од 2 п.п. од БДП. Во однос на структурата на меѓународните обврски, и во 2016 година преовладуваат странските директни инвестиции, како постабилен и долгорочен извор на финансирање. На крајот на 2016 година, бруто надворешниот долг изнесува 7.253,2 милиона евра, или 73,5% од БДП, што претставува раст од 4,1 п.п. од БДП, во споредба со крајот на 2015 година. Општо земено, показателите за надворешната задолженост на домашната економија покажуваат дека бруто надворешниот долг се наоѓа во безбедната зона. На крајот од 2016 година, нето надворешниот долг, како дополнителен показател за надворешната позиција на економијата, изнесуваше 2.669,8 милиони евра, или 27,1% од БДП, што во однос на 2015 година претставува раст за 2,2 п.п. од БДП.
Во мај 2016 година како одговор на шпекулациите за стабилноста на девизниот курс и банкарскиот систем, Народната банка ја затегна монетарната политика преку зголемување на основната каматна стапка за 0,75 п.п., односно од 3,25% на 4,00%. При крајот на 2016 и почетокот на 2017 година, во услови на пораст на вишокот креирана ликвидност и смирување на состојбите на депозитниот и девизниот пазар, Народната банка пристапи кон нормализирање на монетарната политика како резултат на постепеното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти и натамошно задржување на оцените за стабилноста на темелите на домашната економија. Покрај зголемувањето на понудата на благајничките записи, Народната банка ја намали нивната каматна стапка во три наврати, со што основната каматна стапка се врати на нивото од пред мај 2016 година, односно на 3,25%.
Народната банка редовно ги следи тековните движења, присутните ризици и соодветно на нив, ја оценува поставеноста на монетарната политика и постојано е подготвена за преземање соодветни мерки за одржување на ценовната и финансиската стабилност во економијата.
На денешната седница, Советот на Народната банка го донесе и Извештајот за ризиците во работењето на банките во 2016 година, при што беше констатирано дека, во целина, и покрај силното влијание на нестабилната политичка состојба во земјата, придружена со шпекулации за девалвација на курсот на денарот и за стабилноста на домашните банки и депозитите вложени кај нив, што беше особено изразено во првата половина од годината, банкарскиот систем ја задржа стабилноста. Вкупните средства пораснаа за 5%, што е само за неполн процентен поен помалку во споредба со зголемувањето на активата остварено во 2015 година.
Депозитите од нефинансиските субјекти, по остварениот пад во првата половина од 2016 година, во второто полугодие започнаа да се движат по нагорна линија и на годишна основа забележаа солиден раст од 5,4%, иако нешто побавен во споредба со 2015 година, кога тој изнесуваше 6,7%. Депозитите од нефинансиските друштва дадоа двојно повисок придонес во годишниот раст на депозитите, во споредба со домаќинствата. Сепак, депозитите на домаќинствата ја задржаа улогата на поединечно најголем извор на финансирање на активностите на банкарскиот систем со учество од 49,7% во вкупната пасива.
Повлекувањето депозити од банкарскиот систем, присутно во второто тримесечје од 2016 година, преставуваше вистински стрес-тест за соодветноста на обемот на ликвидните средства на банките, коишто се намалија за повеќе од 10% за само еден квартал. Сепак, со повисокиот износ на претходно акумулирани ликвидни средства, како и инструментите на Народната банка за креирање ликвидност, успешно се амортизираше оваа кризна епизода во домашниот банкарски систем и дури се овозможи остварување позитивни стапки на кредитен раст, како главен извор на приходи за банкарскиот систем. До крајот на 2016 година, постепеното закрепнување на депозитната активност, во комбинација со дадената можност за пласирање девизни депозити на банките кај Народната банка по повисоки каматни стапки, споредено со стапките што се добиваат од странските банки, влијаеја во насока на зголемување на склоноста на банките за вложување во ликвидни финансиски инструменти. Така, во 2016 година, ликвидните средства на банкарскиот систем се зголемија за 3,5%, наспроти остварениот мал пад во 2015 година, што придонесе за одржување на показателите за ликвидност на нивоа слични на оние од крајот на 2015 година, а показателите за девизната ликвидност на банкарскиот систем дури забележаа и извесно подобрување.
Нестабилноста во домашниот амбиент и турбуленциите на депозитниот пазар имаа постепени преносни ефекти и врз кредитната активност на банките. Кредитите на банките ја завршија годината со раст од само 1,2%, што е значително послабо остварување во споредба со претходната година кога тој изнесуваше 9,7%. Сепак, движењата на кредитите во голема мера беа условени од измената во постојната регулатива од страна на Народната банка, според која, најдоцна до 30 јуни 2016 година банките имаа обврска да ги „исчистат“ кредитните портфолија од сите побарувања коишто се целосно резервирани подолго од две години. Доколку се изолираат ефектите од овие регулаторни промени, на крајот на 2016 година годишната стапка на раст на кредитната активност на банките изнесува 6%, што е повторно пониско споредено со 9,7% колку што изнесуваше во 2015.
Учеството на нефункционалните во вкупните кредити се спушти до нивото од 6,6% на 31 декември 2016 година. Ризикот за сопствените средства на банките од евентуално остварување на кредитниот ризик од нефункционалните кредити не е висок, поради нивната висока покриеност со издвоената исправка на вредноста од 80,9%, но и поради задоволителниот обем и квалитет на сопствените средства на банките.
Во 2016 година, банките прикажаа за една третина повисок износ на добивка од работењето споредено со минатата година, што овозможи да продолжи трендот на зголемување на нивната профитна маргина, како и на стапките на поврат на капиталот и средствата. Подобрувањето на профитабилноста на банките најмногу произлегува од позначителното намалување на каматните расходи, при само скромен раст на каматните приходи. Исто така, за одбележување е и континуираното подобрување на оперативната ефикасност на банките.
Показателите за солвентноста и капитализираноста на банкарскиот систем забележаа извесно намалување, кое што најмногу произлегува од побрзиот раст на актива пондерирана според ризиците. Сепак, стапката на адекватност на капиталот на крајот од 2016 година е висока и изнесува 15,2%, наспроти 15,5% на крајот од 2015 година и овозможува доволен простор за апсорбирање на евентуалните неочекувани загуби за банките. Во насока на покривање на изложеноста на банките на ризиците од работењето, исклучително поволен факт е доминантното учество на основниот капитал во структурата на сопствените средства на банките. И покрај поволните остварувања, домашните ризици поврзани со неизвесноста во политичкиот амбиент сѐ уште актуелни се и претставуваат значаен фактор на ризик за идните остварувања на банкарскиот сектор.
На денешната седница, Советот на Народна банка ја донесе и Политиката за надзор на платните системи којашто претставува заокружување на рамката за надгледување на платните системи во надлежност на Народната банка. Одговорноста за донесување на Политиката произлегува од Рамката за обелоденување и Методологијата за проценка на Комитетот за системите за плаќање и порамнување при Банката за меѓународно порамнување и Одборот на меѓународната организација на комисиите за хартии од вредност, којашто предвидува обелоденување на политиката за надзор на платните системи.
Советот на Народната банка на денешната Седница ја усвои Одлуката за проверка на автентичноста и соодветноста, условите и начинот на враќање на книжните и кованите пари во оптек и начинот на вршење на супервизија, со која се врши натамошно усогласување на регулативата донесена во текот на 2015 година, а се однесува на стратегиската определба за зголемување на квалитетот и функционалноста на парите во оптек. Во таа насока дополнително се уредени и прецизирани контролните механизми на Народната банка, при спроведување на активностите поврзани со готовинското работење во оние сегменти каде што е забележана потреба за соодветно интервенирање со примена на најсовремените стандарди и практики.
Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.