Нухиу: Ќе сносат одговорност раководните лица во Министерството кои се одговорни за вчерашните настани

Министерот за внатрешни работи д-р Агим Нухиу на денешната прес конференција во име на целото Министерство ги осуди настаните кои се случија вчера во Собранието на Република Македонија и соопшти дека ќе мора да сносат одговорност дел од структурите на МВР кои не си ја завршиле работата.

Во продолжение ви го пренесуваме интегрално обраќањето на министерот Нухиу…

„Сакам да ја запознаам јавноста дека јас како министер инсистирав да се формира Оперативен штаб уште кога почнаа протестите и тој штаб беше формиран, а во него се вклучени раководни лица од Министерството од сите области. Оперативниот штаб имаше подготвено планови за три претпоставени ситуации: кога ќе бидат протестите мирни, кога ќе се избира претседател на Собранието и кога ќе се избира Влада. За раководител на Оперативниот штаб беше избран директорот на Бирото за јавна безбедност г-дин Митко Чавков.

Сакам да ја известам јавноста дека вчера од моментот на ескалација на ситуацијата се до 20 часот раководителот на Штабот г-дин Митко Чавков не беше достапен за мене иако го барав и телефонски и лично во Оперативниот штаб.

Сакам да потенцирам дека, за жал, е очигледно дека во структурите на МВР политичкото влијание има голема улога, што е за секаква осуда. Дел од вработените во МВР наместо да ги почитуваат законите и да ги извршуваат своите работни обврски, постапуваат по наредби на политички центри, нешто што е за најсилна осуда и мора да биде санкционирано. Внатрешната контрола при МВР е вклучена и ќе бараме одговорност од сите што не постапија согласно законските овластувања, вклучувајќи ги и членовите и раководството на Оперативниот штаб. Министерството за внатрешни работи е институција која мора да го гарантира јавниот ред и мир, а не да биде институција под влијание на политички субјекти кои сакаат да ја злоупотребат за свои цели.

Но, морам да потенцирам дека најголем дел од вработените во МВР се професионалци и сакам во оваа прилика и лично да им се заблагодарам затоа што со нивна помош беше ставена ситуацијата под контрола. Ги охрабрувам да продолжат професионално да си ја вршат својата работа.

Уште синоќа стапивме во контакт и со Јавното обвинителство со цел обезбедување на сите потребни материјали за расчистување на настаните. Апелирам до Јавното обвинителство активно да се вклучи во активностите со цел во најбрз можен рок да ги расчистиме овие настани.

Сите прекршувања на законите ќе бидат соодветно процесуирани и секој ќе одговара за своите постапки. Ќе сносат одговорност и раководните лица во Министерството за внатрешни работи кои се директно одговорни за вчерашните настани и тоа што полицијата не ја изврши својата обврска. Сакам да потенцирам и дека сум згрозен од постапката на дел од протестантите кои подолг период не им дозволуваа на возилата на Итната помош да влезат во Собранието и да им укажат помош на повредените. Тоа е пред се нечовечки и е за секаква осуда.

На крајот сакам да ве известам дека чувствувам морална обврска затоа што за овој четиримесечен период колку што сум на чело на Министерството не успеав да го тргнам влијанието на политиката во раководните структури на МВР и затоа ќе барам мое повлекување. Но, ве уверувам дека ќе направам се за создавање на услови за трансфер на власта и ќе барам законска и кривична одговорност и за раководните структури на МВР за вчерашните настани.

Дозволете ми во оваа прилика да му го честитам изборот на новиот претседател на Собранието г-дин Талат Џафери.“- истакна Нухиу.