Манчевски: Општините остануваат без градоначаници од понеделник, итно е потребно да се избере новата Влада!

Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, денес одржа прес конференција, на која истакна”

„Македонија има итна потреба од нова Влада која веднаш ќе се зафати со решавање на насобраните проблеми, што се одразуваат штетно врз животот на граѓаните. Неопходно е веднаш да се одблокираат демократските процеси во Македонија. Ѓорге Иванов веднаш да го даде мандатот за состав на нова влада на претседателот Зоран Заев.

Сите граѓани, без разлика дали се земјоделци, работници, наставници или нешто друго, имаат итна потреба од стабилизација на државата. Тоа е врвен државен интерес.

Блокадата на демократските процеси ќе кулминира за неколку дена. На 15-ти мај престануваат мандатите на градоначалниците и советите. Со тоа што ќе нема ниту функционална локална власт, уште повеќе ќе се усложни ситуацијата во која се наоѓаат граѓаните и Македонија.

Потребен е итен, мирен трансфер на власта, со цел Македонија што побрзо да добие функционални институции. Потребен е итен и мирен трансфер на власта, со цел да биде продолжен мандатот на локалните власти и да бидат закажани локални избори.

Апелираме до сите, конструктивно да се приклучат кон промените. Да не вршат никакви попречувања на демократските процеси што водат кон квалитетен живот на сите граѓани и евро-атлантски перспективи на Македонија.“ – истакна Манчевски.