Проф. д-р Јос Ферхуфен, експерт за блатни екоситеми утре доаѓа во Охрид

Вчера во Скопје се одржа тркалезната маса на тема „Влијанието на планираните инфраструктурни проекти врз биодиверзитетот на охридско – преспанскиот регион“, а во организација на Здружение за заштита на животните и животната средина ЕДЕН. Специјален гостин беше проф. д-р Јос Ферхуфен, претседател на Европскиот огранок на Друштвото на научници за блатни екосистеми (Society of Wetland Scientists, European Chapter) и професор на Универзитетот во Утрехт кој допатува на покана на Охрид ЅОЅ.

Утре, 18 мај, четврток, проф. Ферхуфен ќе биде во Охрид каде што ќе има средба со претставници на Хидробиолошкиот завод. Имено, токму благодарение на заложбите на проф. Ферхуфен, Охрид беше избран за домаќин на годишниот конгрес на Европскиот огранок за 2018 г. кој ќе биде организиран во соработка со ХБЗ и Охрид ЅОЅ. Во склоп на посетата проф. Ферхуфен ќе го посети и Студенчишкото Блато бидејќи неговата експертиза е токму проучување на блатните екосистеми и нивната функција во служба на луѓето преку екоситемските услуги, односно економската придобивка од екосистемите.