Тодоров: Добивањето на мандатот е само затруен плод на затруено дрво, политичкиот отпор и протестите резултираа со неопходните гаранции

Интегрален текст од прес конференција, Никола Тодоров, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

„Почитувани,

Вложените напори за заштита на државните и национални интереси вродија со плод. Политичкиот отпор на ВМРО-ДПМНЕ и 80 дневните најдолги и најмасовни протести на стотици илјади граѓани низ целата држава резултираа со неопходните гаранции дека нема да се наруши унитарниот карактер на мултиетничка Македонија. Огромен придонес во тоа имаше и Претседателот Ѓорге Иванов кој со својот принципиелен став не отстапи и се бореше да обезбеди сигурност дека иднината на земјата нема да се крои врз основа на туѓи декларации или платформи.

Целата јавност беше сведок на постизборната измама преточена во тиранската платформа која стана основа за формирање на идното парламентарно мнозинство и претставуваше ризик за иднината на Македонија. Реализацијата на елементите од тиранската платформа, за кои Зоран Заев изјавуваше дека имал позитивен став кон нив, значеше директно загрозување на мултиетничкото општество какво што го градевме и претворање на државата во бинационална. Таа опасност беше реална и затоа народот остро реагираше. Народот се спротистави на сите најави за менување на банкнотите, двојазичните униформи и најавите дека Македонија ќе биде прогласена за геноцидна држава.

На сите овие сценарија реагираше и ВМРО-ДПМНЕ. Иако победивме и ја добивме поддршката од граѓаните на декемвриските избори, на СДС му понудивме да ја отфрли платформата со што ќе ја добиеше нашата поддршка да формира Влада.

Тоа не се случи. СДС ја отфрли понудата на ВМРО-ДПМНЕ и ја пролонгираше политичката криза. Неодговорното и деструктивно однесување на СДС кулминираше со политичкото насилство при обидот да го изберат Талат Џафери за Претседател на Собранието на Република Македонија. СДС ги погази и Уставот и законите и деловникот за работа на Собранието.

Доколку Зоран Заев собереше храброст и порано се оградеше од тиранската платформа, Република Македонија не мораше да ги минува и овие месеци во политичка криза. Доколку Зоран Заев порано ги дадеше гаранциите кои ги побара Претседателот Ѓорге Иванов, досега ќе беа деблокирани сите процеси и ќе имавме локални избори. Денешното добивање на мандатот е само затруен плод на затруеното дрво.

Почитувани,

Од денес натаму СДС и Зоран Заев ја имаат целата одговорност. Тие го контролираат парламентарното мнозинство и од нив зависи формирањето на идната Влада.

Зоран Заев е првиот мандатар кој потпишува гаранции дека нема да ги наруши највисоките државни и национални интереси. Тоа не било побарано ниту од Бранко Црвенковски, ниту од Хари Костов, ниту од Владо Бучковски. Тоа доволно говори за сериозноста на информациите кои предупредуваа на ризикот со кој се соочува Македонија.

На гаранцијата која Заев ја потпиша денеска не се потпишани првите луѓе на партиите на Албанците кои му ја дадоа нивната поддршка. Во име на актуелното парламентарно мнозинство е потпишан само Зоран Заев.

ВМРО-ДПМНЕ знае колку тежи зборот на Зоран Заев. Безброј пати Заев едно зборувал, а друго правел. Безброј пати Заев едно ќе кажел вечерта, а веќе друго кажува следниот ден.

Затоа ВМРО-ДПМНЕ будно ќе ја следи неговата работа и нема да дозволи од какви било причини да отстапи од гаранциите кои ги даде.

Почитувани,

Дозволете на крај да им честитаме на граѓаните што беа истрајни во своите барања да се обезбедат гаранции за интегритетот и суверенитетот на Република Македонија. Тие се вистинскиот владетел во оваа земја. Знаеме дека мнозинството граѓани гласаа за програмата на Коалицијата за Подобра Македонија. Знаеме дека таа поддршка се зголемува откако сите ја видоа деструктивноста на СДС и дека Зоран Заев има сосема други приоритети од приоритетите на граѓаните. Затоа Остануваме на ставот дека потребни се нови предвремени парламентарни избори на кои ќе се слушне гласот на народот.“ – истакна Тодоров.