Пратеникот во Собранието на Р. Македонија и потпретседател на СДСМ, Дамјан Манчевски денеска оствари средба со Мајкл Дејвидсон, раководител на одделот за Македонија, Косово и Албанија во Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство и Северна Ирска.
Манчевски се осврна на актуелните политички процеси во Република Македонија и истакна дека веќе се започнати консултативните средби со полтичките партии кои изразија подготвеност за поддршка на новата реформска Влада. Тој напомена дека новата Влада целосно ќе биде посветена во исполнувањето на Итните реформски приоритети и дека токму спроведувањето на препораките и забелешките дадени од страна на Европската комисија треба да придонесат во Македонија да се почитува владеењето на правото и човековите права, кои се темел на демократските општества.
Мајкл Дејвидсон истакна дека Обединетото Кралство дава целосна поддршка за спроведување на неопходните реформи, особено за имплементација на препораките дадени во Итните реформски приоритети. Дејвидсон потенцираше дека напредокот на Република Македонија и нејзиното членство во НАТО и Европската унија се особено значајни за земјата, но овие политички процеси придонесуваат и за стабилноста на регионот, што е од важност за Обединетото Кралство.
Манчевски информираше дека еден од клучните приоритети за новата Влада ќе бидат и реализацијата на инфраструктурните проекти кои значително ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните и ќе придонесат за создавање на современа патна и комунална инфраструктурна мрежа во Македонија. Овие проекти ќе бидат од голем интерес за граѓаните, но и за развивање на економијата во Македонија. Манчевски најави дека новата Влада ќе преземе активни мерки за намалување на невработеноста, која е сериозен проблем во Македонија.
Манчевски и Дејвидсон се согласија дека новата Влада треба да работи нa враќање на темелните вредности на секоја демократска држава.