Историски ден за ПЕТ Центарот во Македонија и за македонското здравство, напиша на својот Фејсбук страна министерот за здравство, Никола Тодоров.
„Денеска во посета на ПЕТ Центарот е г. Јукија Амано, генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија. Поводот на оваа посета е финализирање на сите активности пред отпочнување на ПЕТ Центарот со работа со пациенти. Голема благодарност до Меѓународната агенција за атомска енергија за континуираната стручна поддршка. Заеднички успеавме да го изградиме најсовремениот и најсложениот здравствен објект во Македонија, единствен од ваков тип во поширокиот регион“, напиша Тодоров.
Тој додаде дека ПЕТ Центарот ќе овозможи прецизна дијагноза и детектирање дури и на само една малигна клетка во организмот, прецизно следење дали е ефикасна терапијата кај пациентите со малигни заболувања, како и производство на радиоактивни изотопи за медицинска употреба.