Заев по средбата со БЕСА: До недела ќе ги привршиме разговорите, наредната недела Македонија да ја добие новата Влада

Изјава за медиуми, Зоран Заев претседател на СДСМ

„Денеска направивме средби со сите потенцијални партнери за во Владата. Одржав состанок и со господинот Ахмети, претходно и со господинот Села, еве сега и со претставници од БЕСА, господинот Касами и претставници на нивната партија. Напредуваме во дел од разговорите, но се уште не можам да кажам дали ќе има договор за Влада со четири партиципиенти, нашата коалиција предводена од СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијансата за Албанците. Следната средба е утре, ако Конгресот на СДСМ заврши во посоодветно време, ако не продолжуваме во недела сабајле, но дадовме една задача до крајот на оваа недела, а тоа е недела, да се обидеме навистина да ги завршиме разговорите, оти постоиме за граѓаните. Граѓаните очекуваат да тргне реформскиот процес и верувам дека и времето што притиска врз сите нас, ќе не направи поодлучни во пресекувањето на одлуките и во делот на суштествените работи и во делот на вкупниот број на ресори во идниот владин кабинет. Јас сум оптимист и продолжувам да бидам оптимист и секоја нова информација што ќе ја имаме, веднаш преку вас медиумите ќе ја споделиме до граѓаните.“– истакна Заев.

Одговори на новинарски прашања

Медиуми: Околку барањата за БЕСА, што од барањата за вас е неприфатливо, јазиците, редефинирањето?

Заев: Навлеговме длабински во суштината. Зборуваме за едно општество за сите. Еднаквоста на граѓаните е императив, тоа е членот 9 од Уставот Република Македонија, сите граѓани се еднакви пред законот и Уставот, без разлика на нивната етничка, политичка, верска, социјална или каква било определба и во суштина, кога навлеговме во сите наши програмски определби, ветувања пред граѓаните, многу сме блиску. Проблемот е во употреба на зборовите. Суштината на имплеметацијата е важноста на граѓаните и кончено, реализација на едно општество за сите. Јас верувам дека после сите овие дебати, кои траат како што гледате по час и половина и повеќе, повторно ќе се дебатира, за да можеме да направиме исчекор кон приближување. Така што јас не губам надеж и затоа останувам непоправлив оптимист до последниот момент, но се надевам дека во недела отприлика ќе ја заокружиме оваа работа. Ветив десеттина дена пред граѓаните, тоа го ветија и сите други лидери на политичките партии. Редно е во недела да привршуваме со оваа работа.

Медиуми: Господинот Ахмети рече дека од понеделник не очекуваат убави работи. Дали е ова некаков вид ултиматум до движењето БЕСА?

Заев: Јас знам дека една од вредностите за која се бориме сите, се децата, младите, идните генерации. Еден од императивите во овие разгвори е ако не бираме Влада до понеделник, барем да го укинеме екстерното тестирање, верувам дека тоа ќе направи една слобода и кај нас родителите и кај наставниците и кај некој од децата, затоа што укинувањето на екстерното тестирање, после полагањето на испитите не ја врши својата улога, тоа е наше изборно ветување, изборно ветување и на другите партии, партиципиенти во владата, го имаат во своите програми. Еве да го сфатиме понеделник и во овој дел, дека е позитивен дел, ако бидеме подготвени, јас сум подготвен да дебатираме за Влада и во понеделник, ако навистина ги заокружиме сите работи. Така да навистина понеделник ќе биде почеток на една недела за едни убави моменти за сите граѓани, генерално Република Македонија, верувам дека наредната недела ќе ја добие новата реформска Влада.

Медиуми: Со Ахмети и со Села усогласени се сите точки, останува само уште БЕСА, или?

Заев: Не, заради тоа што разговараме партнерски. Секој разговор со по еден политички субјекти или коалција е взаемно поврзан со сите, така се разговара партнерски за да можеме да дадеме здрави основи на тоа партнерство. Одлуките на СДСМ, наспроти ДУИ е во зависност и од Алијанса, и од БЕСА, или одлуките на БЕСА наспроти Алијанса се во зависност од СДСМ и од ДУИ, тоа е врзано, така се водат разговорите и така е партнерски исправно. Така што во зависност од одлуките со секој субјект поединечно ќе зависат и комплетните договори за формирање на Влада.