Започна четвртото издание на „Вдиши театар“

Тесен беше просторот во предворјето на црквата Св.Софија да ги собере сите оние кои вчера дојдоа да „вдишат театар“ и бидат дел од отворањето на Младински аматерски театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ кој во организација на Црвен крст Охрид по четврти пат, како предвесник на охридското културно лето, се реализира од 1-4 јуни во Охрид. Првиот ден од овој фестивал беше резервиран за младите талентирани актери од театарската група на Црвен крст Охрид кои премиерно ја изведооа претставата БАГАЖ. Под менторство на авторите на претставата Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц, актерите на вешт начин ги пренесоа најчестите проблеми кои ги тиштат младите во Македонија и заради кои тие носејќи различен багаж и товар во својата душа, го напуштаат родниот град и татковината. На храбар и решителен начин младите упатија силна порака за љубов и простување и јасно кажаа НЕ на примитивизмот, предрасудите, неправдата и пореметените морални и етички вредности.

Втората вечер од театарскиот фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“, е резервиран за театарската група на Црвен крст Бар, Црна Гора кои вечерва, 02.06.2017 г., во предворјето на црквата Св.Софија со почеток во 20:30 ч. ќе ја изведат театарската претстава „РАЗБУДИ СЕ И БИДИ ТУКА“.