Заев: Секоја чест, вашиот успех е мотив Владата силно да го поддржи спортот

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со ракометарите на Вардар кои го освоија првото место во Лигата на шампиони, со раководството на клубот, како и со претседателот и претставници на Ракометната федерација на Македонија.

Премиерот Заев, од името на Владата им врачи Плакета за благодарност на ракометарите на Вардар.

Премиерот Заев на средба со ракометарите: Секоја чест, вашиот успех е мотив Владата силно да го поддржи спортот.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со ракометарите на Вардар кои го освоија првото место во Лигата на шампиони, со раководството на клубот, како и со претседателот и претставници на Ракометната федерација на Македонија.

Премиерот Заев, од името на Владата им врачи Плакета за благодарност на ракометарите на Вардар.

„Секоја чест! Во име на граѓаните на Македонија ви благодарам за радоста што ни ја овозможивте на сите нас. Вашиот успех е амбасадорска промоција на Македонија, не само во Европа, туку и во светот. Исто така вашиот успех е мотив Владата силно да го поддржи спортот“, рече во обраќањето до ракометарите премиерот Заев.

Тој најави можности за практично инвестирање во спортот, преку ваучери што ќе ги издава Министерството за финансии на спортските клубови, законска поддршка на спортот како професија, со што ќе се овозможи на пензиско и здравствено осигурување на спортистите и посветеност на новата Влада да го обезбеди заслуженото достоинство на спортот во Македонија.

На средбата беа отворени некои проблеми со кои се соочуваат спортските клубови, во делот на финансирањето и условите за работа и беше разговарано за начините на нивно решавање.

Ракометарите, сопственикот на ракометниот клуб Вардар, Сергеј Самсоненко, претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, ја поздравија определбата на премиерот Заев и на новата Влада за поддршка на спортот во Македонија.

Тие на претседателот на Владата, Зоран Заев, му подарија еден од шампионските златни медали добиени од Лигата на шампиони, како и дрес на Вардар на којшто е испишано неговото име.

На средбата е договорена натамошна соработка во духот на поддршка и развивање на ракометот и спортот во Република Македонија.