Нови известувања до ОЈО Скопје околу настаните од 27.04. во Собранието

Во изминативе неколку дена од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје поднесени се шест известувања, во врска со преземените активности околу расчистување на настаните од 27.04. во Собранието на Република Македонија.

Меѓу другото, доставено е посебно известување во врска со поднесена кривична пријава против лицето А.К. за сторено кривично дело “учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, при што по Наредба за претрес од Основен Суд Скопје I полициски службеници од Единицата за насилен криминал и ЕПОИ АЛФА, извршија претрес во домот и другите простории на пријавениот и пронајдени се предмети важни за кривичната постапка, кои со потврда за привремено одземени предмети се одземени и истите по извршеното вештачење со Известување дополнително ќе бидат доставени до Основното јавно обвинителство Скопје.

Потоа, доставено е известување во врска со извршени разговори со повеќе лица новинари, како и со лицето М.П., а се однесуваат на дејствијата околу расветлувањето на кривично правниот настан “убиство“ (во обид) извршен над пратеникот З.С. Воедно, по Наредба за претрес од Основен Суд Скопје I, од страна на полициски службеници извршен е претрес во домот на едно лице (новинар), при што се пронајдени и одземени предмети (фотоапарат, камера, УСБ, преносен компјутер, мобилен телефон и ДВД) кои како важни предмети може да послужат во кривичната постапка. Истите по извршеното вештачење со Известување дополнително ќе бидат доставени до Основното јавно обвинителство Скопје.

Исто така, ОЈО Скопје е известено во врска со утврдување на присуство на странски државјанин во Собранието, а се однесува на две кривични дела “учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ и “учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“. Од извршениот преглед на доставените видео материјали констатирано е дека се работи за Г.Ж. српски државјанин. Притоа, утврдено е дека лицето во временскиот период од 22,04 до 00, 11 часот е присутен внатре во собранието.

Секторот за внатрешни работи Скопје во консултација и соработка со Основното јавно обвинителство Скопје и понатаму презема мерки и активности во врска со настаните случени на 27/04/2017 година во Собранието на Република Македонија и обезбедување на преостанатите кривично пријавени лица, како и на идентификација и документирање и на други лица учесници во настаните.