Денес со пригодна свеченост беше поставен камен темелникот на објектот за новиот градски затворен зелен пазар. Обраќајќи се пред присутните, градоначалникот Никола Бакрачески, испрати искрена честитка до првиот човек на АД „Илинден“ Радован Трајковски, за неговата храброст да инвестира во овој капитален објект за Охрид.
„Непроценливо е чуството да бидеш дел од тимот кој што ги реализира проектите, капиталните инвестиции што генерации наназад ги ветуваа, но не успеаа да ги исполнат. Трудот кој што сите поединечно, но и како тим го вложивме, денес, го здогледува светлото на денот. Со оваа капитална инвестиција, Охрид ќе добие нова административно деловна зграда, што ќе го подобри лицето на градот и најсовремен зелен пазар кој што ќе ги исполнува сите стандарди за трговија со земјоделски и прехрамбени прозиводи од животинско потекло. Додека на почетокот, кога ги ветивме капиталните проекти кој што сакаме да ги реализираме во градот, граѓаните поучени од претходните искуства кога им биле ветувани вакви или слични проекти, со доза на неверување ги слушаа нашите намери. Но сега, само по неколку години, го поздравуваат и одобруваат реализирањето на капиталните инвестиции, како современата автобуска станица, затоврениот зелен пазар, атрактивните и најпосетените пешачки патеки и голем дел од другите проекти што ги направивме за добро на граѓаните. Вкупната вредност на инвестицијата ќе изнесува 239 610 028 денари, односно 3 896 098 евра. Не секогаш сме во можност, проектите да ги испорачаме во почетниот зададен рок, бидејќи, некогаш за тоа влијаат и законските промени во текот на постапката, институционални препреки и други непревидени пречки, но како одговорна Власт секогаш и до последна капка пот се вложуваме во испорачувањето на дадениот збор. Затоа, реализацијата на секој проект поединечно ми е особено драг, бидејќи знам дека мојот вложен труд и трудот на моите соработници вродува со плод. Нека ни биде аирлија почетокот на изградбата на административно деловниот објект и за брзо време охриѓани да го добијат заслужениот затворен зелен пазар.“ – истакна во своето обраќање градоначалникот Бакрачески.
Директорот на ЈП „Градски пазар“ Тони Коталески, во своето обраќање истакна дека денешниот ден е исклучително значен за јавното претпријатие, бидејќи ќе се добие нов административно деловен објект со највисоки стандарди.
„Административно деловната трговска зграда ќе има 6 779 метри квадратни бруто површина, која ќе вклучува затворен зелен пазар со тоалети на приземјето и изградба на подземен јавен паркинг простор со површина од 2 433 метри квадратни. Висината на објектот ќе биде приземје плус два ката со висина од 10,2 метри. Приватниот партнер има обврска на општина Охрид да и отстапи 10 паркинг места, 1 230 метри квадратни на кој ќе биде лоциран затворениот зелен пазар, на вториот кат ќе се стекнеме со право за користење на 200 метри квадратни. Исто така, приватниот партнер има обврска да ја реконструира и обнови постојниот административно деловен објект.“ – рече Коталески пред присутните.
Изградбата на новиот објект е по принципот на јавно приватно партнерство, помеѓу Општина Охрид и АД „Илинден“.