Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, испрати телеграма со сочувство за загубата на поранешниот германски канцелар Хелмут Кол до канцеларката на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел и до граѓаните на Германија.
„Изразувам длабоко жалење и искрено сочувство за смртта на поранешниот германски канцелар Хелмут Кол, во име на граѓаните на Македонија, на Владата на Република Македонија и во мое име.
Граѓаните на Сојузна Република Германија загубија голем човек и политичар кој го препозна обединувањето како вредност и пат што води напред и успеа да ја обедини Германија и да обезбеди стабилна иднина на државата.
Она што го остави овој голем европски државник зад себе е наследство на целиот свет. Тоа се мостовите на пријателства со државите и меѓу државите во светот, градени низ мирољубиви политики.
Како борец на помирувањето, поранешниот канцелар Хол се вгради во темелите на политичката и економската интеграција на Европа.
Подаде рака на Република Македонија при процесот на осамостојувањето на нашата држава, со што останува дел и од политичката меморија на Македонија и нејзините граѓани.
Визијата на нашиот пријател, Хелмуд Кол, за сојузништва меѓу земјите и неговата мудра упорност преку којашто ги надминуваше пречките што изгледаат непремостливи останува пример како низ зрелите политики се постигнува мир, стабилност, безбедност, соработка и просперитет, тоа што и денес им е потребно на државите и на светот“, напиша претседателот на Владата на Македонија, Заев во телеграмата до германската канцеларка Меркел.