Евроамбасадорот Самуел Жбогар во работна посета на Општина Охрид

Денес во работна посета на Општина Охрид, престојуваше амбасадорот на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар. Во пријателска и срдечна атмосфера, градоначалникот Никола Бакрачески го информираше европскиот дипломат за досегашната соработка на Општина Охрид и Европската мисија, односно за реализирањето на проектите со помош на европските фондови. Амбасдарот Жбогар беше пријатно изненаден од бројот и динамиката со која беа спроведени одредени проекти, проекти кое се во тек на реализација или за кои има аплицирано локалната самоуправа.

И двајцата соговорници се согласија дека со се она што Охрид претставува за Македонија, а е препознаен како светско природно и културно –историско наследство од страна на УНЕСКО, заслужува уште поголемо внимание на европските институции. Во таа насока амбасадорот Жбогар ја изрази својата подготвеност максимално да ги помогне проектите кои ќе помогнар за развој на регионот и зачувување на уникатниот Македоски туристички бисер. Во изјавата за медиумите градоначалникот Бакрачески истакна дека разговорите со г.Жбогар биле плодни и искрени, со најдобра намера да му се помогне на Охрид.

„Морам да изразам задоволство и благодарност за искрено изразената желба и волја на Евроамбасадорот Жбогар да и помогне на општина Охрид на патот кон прифаќање на голем број на стандарди на ЕУ и секако на патот кон реализација на многубројните проекти кои општина Охрид ги има зацртано, а кои треба да се реализираат со помош на ЕУ. Како и оние со кои општината во иднина ќе аплицира до различните европски фондови“, рече градоначалникот Бакрачески.

Високиот европски дипломат истакна дека секогаш е пријатно чувството да се биде во Охрид.

„Охрид е место каде човек се чувствува убаво и блиску до самата природа. Охрид е градот на светското наследство, градот каде човек секогаш е поврзан со природата која треба да се заштити,“ рече Амбасадорот Жбогар.

Градоначалникот Бакрачески и евроамбасадорот Жбогар, направија обиколка на реализираните проекти (рекреативната патека, посета на Факултетот за туризам и угостителство и инфо центарот) со средства од европските фондови.

Во попладневните часови градоначалникот Бакрачески и амбасадорот Жбогар го посетија манастирскиот комплекс Св.Наум. Игуменот на манастирот, архимандрит Нектариј го запозна високиот гостин со историјатот и огромното значење што манастирот го има за македонскиот народ и православните христијани.

Се очекува Жбогар да присуствува на Ифтар вечерата што градоначалникот Бакрачески традиционално ја приредува за верниците од муслиманска вероисповед, на плоштадот кај чинарот.