Традиционалниот мултимедијален спектакл „Види музика, слушни слика, добиј книга!“ во организација на Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар се одржа синоќа во Градскиот парк во Скопје.
На јубилејниот, десетти спектакл „Види музика, слушни слика, добиј книга!“, Македонска филхармонија пред многубројната публика изведе дел од хитовите на една од највлијателните музички групи на сите времиња „Пинк Флојд“.
Македонската филхармонија и годинава музицираше под диригентство на маестро Емин Џијан, како солист (вокал и гитара) настапи Ади Имери, а бендот беше составен од: Александар Поп Христов, гитара, Иван Бејков, електричен бас, Александар Пујовски, гитара, Мартин Вучиќ, тапани, Благоја Перуновски, клавијатури, Маријана Николовска, пијано и Владимир Поп Христов, Сара Николовска и Ана Костадиновска, беа придружни вокали.
Публиката, додека траеше концертот, уживаше во творењето на огромните платна, овојпат на уметниците Јулијана Гешовска и Илија Спасовски-Чендо.